ДЗС апелира: Не фрлајте отпушоци од возила, не палете огнови и скари во шуми…Доволна е само една искра
Во текот на јули во просек дневно се регистрираа по околу 15 пожари на отворен простор.

Благодарение на навремените интервенции на пожарникарите, како и поддршката од воздухопловните средства на Дирекцијата за заштита и спасување, сите пожари беа успешно ставени под контрола и изгаснати.
Врнежите во текот на изминатиот период придонесоа за намалување на бројот на пожари и го успорија нивното ширење, информираат од ДЗС.
Но, периодот со врнежи заврши.
„Високите температури, ниската влажност на воздухот и променливиот ветер создаваат услови за брзо настанување, ширење и тешко гаснење на пожарите на отворен простор.
Доволна е само една искра!
Најголемиот број пожари настануваат ненамерно. Граѓаните најчесто не сакаат да предизвикаат пожар, но едно невнимание може да доведе до сериозни последици.
Затоа апелираме:
* Не фрлајте отпушоци од цигари на отворен простор, особено од возила во движење.
* Не палете огнови и скари во шуми и на места со сува вегетација.
* Исчистете ја сувата трева и грмушки околу вашите домови и викендички и направете заштитен појас.
* Не палете стрништа и пасишта. Со тоа го загрозувате животот на луѓето и имотот, а сторителите ќе бидат санкционирани.
* Внимавајте при користење алати кои создаваат искри, како брусилки и апарати за заварување.
* Земјоделците да бидат внимателни при користење уреди за плашење птици кои можат да предизвикаат пожар.
Ги повикуваме граѓаните секое сомнително однесување веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на бројот 112.
Пријавете лица кои носат сомнителни течности, факели, големи петарди или други предмети и активности што можат да предизвикаат пожар.
Во услови на екстремно високи температури, потребна е максимална внимателност.
Една искра може да предизвика голема трагедија!“ апелираат од ДЗС






