Шпански аналитичари: Мигрантската криза во Сеута има обележја на хибридна операција

Дел од шпанските аналитичари сметаат дека масовниот прилив на мигранти во Сеута има бројни обележја на хибридна операција и не може да се објасни исклучиво со активностите на криумчарските мрежи, јави Хина.

Според официјалната верзија на шпанската и мароканската влада, меѓу 40.000 и 60.000 Мароканци, претежно млади луѓе, но и семејства со мали деца, препливале или пеш ја преминале границата кон Сеута, поттикнати од криумчарски мрежи. Сепак, дел од аналитичарите во Шпанија сметаат дека причините се многу покомплексни.

 

Во разговор за шпанската јавна телевизија РТВЕ тие оценија дека настаните содржат многу елементи на таканаречено хибридно војување.

 

Тие посочуваат дека Мароко не може да се споредува со другите соседни држави поради неговите долгогодишни територијални претензии кон Сеута и Мелиља и дека во случајот се испреплетени бројни геостратешки интереси.

 

Професорот по меѓународно право и меѓународни односи на Универзитетот во Кадиз, Алехандро дел Ваље, смета дека кризата е резултат на повеќе фактори.

 

– Станува збор за сплет на различни околности – положбата на младите, медиумските информации и пораките на социјалните мрежи, кои Рабат ги искористи во своја полза – изјави Дел Ваље.

 

Сличен став има и пензионираниот адмирал Хуан Родригес Гарат, автор на книгата „Воени тапани“, кој оценува дека миграцијата е природен феномен што дополнително бил поттикнат од неодамнешната пресуда на шпанскиот Врховен суд, но дека толкав број луѓе не може да се објасни без премолчена толеранција од мароканските власти.

 

Истражувачката Наталија Санча од Кралскиот институт „Елкано“ смета дека станува збор за хибридна операција што комбинира дезинформации и користење на мигрантите како средство за политички притисок.

 

– Комбинацијата на овие два елемента има цел да ја принуди Шпанија на одредени отстапки – оцени Санча.

 

Мароканскиот опозициски новинар Али Лмрабет истакна дека толкав број луѓе не можел да ја премине границата без знаење на мароканските власти.

 

Според него, Мароко врши многу строг надзор врз јавниот простор и социјалните мрежи, поради што, како што тврди, властите однапред знаеле за движењето на мигрантите.

 

Аналитичарите наведуваат повеќе можни мотиви за кризата. Лмрабет потсетува дека на 23 јули Комисијата за правда на шпанскиот Конгрес поддржа предлог-закон со кој шпанско државјанство би можеле да добијат жители на Западна Сахара родени додека таа била шпанска колонија, како и нивните потомци.

 

Според проценките, право на државјанство би можеле да добијат меѓу 100.000 и 200.000 лица, што, според аналитичарите, би можело да има значително политичко влијание.

 

Пензионираниот адмирал Родригез Гарат смета дека крајната цел на Рабат е да влијае врз шпанската надворешна политика, особено во однос на Западна Сахара, Алжир и прашањето за шпанските енклави во Северна Африка.

Директорот на Центарот за современи арапски студии, Хајзам Амира Фернандес, оцени дека Мароко со години реагира секогаш кога Шпанија презема чекори што ги смета за неповолни за своите интереси.

Дел Ваље смета дека основната причина е долгогодишното барање на мароканската монархија Сеута и Мелиља да станат дел од мароканската територија.

Во последните денови и мароканскиот портал „Ле 360“ објави дека прашањето не е дали овие енклави ќе се „вратат“ на Мароко, туку кога тоа ќе се случи.

Санча укажува и на зајакнатите односи меѓу САД, Израел и Мароко по потпишувањето на Аврамските договори во 2020 година, кога Рабат ги нормализираше односите со Израел, а Вашингтон го поддржа мароканскиот став за Западна Сахара.

Таа сепак нагласува дека нема докази оти САД или Израел директно учествувале во евентуална хибридна операција, но смета дека нивните блиски односи со Мароко влијаат врз поширокиот политички контекст.

Аналитичарите не ја исклучуваат можноста Мароко во иднина да се обиде да обезбеди јавно американско признавање на своите претензии кон Сеута и Мелиља.

Како дополнителен геостратешки фактор тие го посочуваат пренасочувањето на дел од светските трговски поморски рути по случувањата во Ормуската Теснина, со што влезот во Средоземното Море, меѓу Сеута и Гибралтар, добива уште поголемо значење.

Дел Ваље ја критикува шпанската влада дека нема јасна стратегија кон Мароко и смета дека Мадрид требало повеќе да се потпре на Европската Унија.

Според него, доколку во Сеута била распоредена мисија на Фронтекс, мароканските власти немало да дозволат илјадници луѓе да ја преминат границата преку преминот Тарахал.

Санча, пак, оцени дека реакцијата на Европската Унија во Сеута не била еднаква на одговорот во слични ситуации, како што беше мигрантската криза на границата меѓу Белорусија и Полска во 2021 година.

Таа заклучи дека покрај геополитичките интереси, врз реакциите влијаат и внатрешнополитичките пресметки во Шпанија пред следните парламентарни избори.

Back to top button
Close