Епископот Партениј на Света Гора, првпат по 36 години
„Ова е неговото прво доаѓање на Света Гора како епископ, но и прво богослужбено претстоење на Атон по цели триесет и шест години – од времето кога, како млад богослов и искушеник, извесен период живеел во свештената Обител Григоријат“, велат од Бигорскиот манастир

фото: Бигорски манастир
Епископот антаниски г. Партениј, кој е игумен на Бигорската свештена обител, деновиве престојува на поклонение на Света Гора, соопштија од Бигорскиот манастир.
Оттаму велат дека тој е придружуван од дел од Бигорското братство во вековниот извор и прибежиште на православното монаштво.
Епископот Партениј ќе сослужува на споменот на свети Пантелејмон.
„Во нашето поклонение ни се придружи и Неговото преосвештенство, епископот Мирински г. Атинагора, викарен епископ на Православната митрополија на Мексико, Централна Америка, Карипските Острови, Венецуела и Колумбија при Вселенската патријаршија, со кого нашиот Старец ќе сослужува на споменот на свети Пантелејмон“,се вели во соопштението од Бигорски.
Оттаму додаваат дека посетата има длабоко и историско значење за Партениј и за целото негово монашко семејство.
„Ова е неговото прво доаѓање на Света Гора како епископ, но и прво богослужбено претстоење на Атон по цели триесет и шест години – од времето кога, како млад богослов и искушеник, извесен период живеел во свештената Обител Григоријат, под мудрото духовно раководство на блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис… За нашиот Старец, ова доаѓање претставува исполнување на долгогодишен копнеж и чудесно заокружување на еден духовен пат: некогаш млад искушеник, кој со страв Божји ги примал првите светогорски поуки, денес повторно чекори по истата осветена земја на светогорските подвижници како монах, свештенослужител и епископ, придружуван од своите духовни чеда.“,наведуваат од Бигорски.
Во соопштението се вели и дека епископот Партениј ќе присуствува и на свеченото празнично бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Евхаристија во чест на великиот христов маченик и исцелител Пантелејмон.






