Пожарот на депонијата во Крива Паланка гори повеќе од 15 часа: Митовски очекува до крајот на денот да биде ставен под контрола

Пожарот што вчера околу 11 часот избувна на депонијата за комунален отпад во непосредна близина на Крива Паланка е од поголем обем, а во неговото гаснење повеќе од 15 часа се вклучени сите расположливи служби, информира градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски.
Митовски посочи дека во текот на ноќта во гаснењето активно учествувале припадници на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, вработени во јавното претпријатие „Комуналец“, како и екипи од соседната општина Ранковце.
Во акцијата се вклучиле и локални компании, кои помогнале во справувањето со пожарот.
„Пожарот е од малку посериозен и поголем обем, што ја покрена потребата од гаснење со вода, но потребна е и поголема количина земјен материјал“, изјави Митовски.
Тој апелираше до жителите на Крива Паланка и околните населени места за разбирање поради непријатната миризба и чадот што се чувствуваат во текот на денот.
„Искрено очекувам, бидејќи во функција се ставени сите служби, дека до крајот на денот ќе успееме да се справиме со овој сериозен предизвик“, порача градоначалникот.
Пожарот на депонијата продолжува да се гасне, а надлежните екипи работат на негово целосно локализирање, објави Скопје1.мк






