ЦУК со пресек до 13 часот: Активни пожари во Аеродром, Илинден, Босилово, Крива Паланка и Гостивар

Вкупно девет пожари на отворен простор се регистрирани на територијата на државата до 13 часот денеска, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, пет пожари се активни, еден е ставен под контрола, а три се целосно изгаснати.
Активни пожари има во пет општини.
Во Општина Аеродром, пожарот е регистриран во село Горно Лисиче, каде што гори ниска вегетација, дрва и пченка.
Во Општина Илинден, активен е пожарот на автопатот Скопје–Велес, спроти бензинската пумпа „Макпетрол“, каде што гори ниска вегетација.
Пожар е активен и во Општина Босилово, во село Турново, каде што гори стрниште.
Во Крива Паланка, пожарот е регистриран на излезот од градот, на локација која претставува депонија.
Активен пожар има и во Општина Гостивар, во село Симница, каде што се зафатени ниска вегетација, стрништа и грмушки.
Пожарот во Општина Зелениково, над селото Зелениково, е ставен под контрола. Таму огнот зафатил шума и ниска вегетација.
Во текот на денот се регистрирани и три изгаснати пожари – во село Грчец, Општина Сарај, на локацијата на Новите градски гробишта во Прилеп, како и во село Црвивци, Општина Кичево.
ЦУК продолжува да ја следи состојбата со пожарите на отворен простор и да ги координира активностите со надлежните институции, објави Скопје1.мк





