Тајфунот Делфин ја погоди источна Кина – милион лица евакуирани, а 1.400 летови откажани

Тајфунот Делфин денеска ја погоди источна Кина, што предизвика откажување на повеќе од 1.000 летови, евакуација на милион луѓе и прогласување на највисоко ниво на опасност, објавија метеоролошките служби, пишува Евроњуз (Euronews).
Средишниот дел на тајфунот попладнето, по локално време, се упати кон копното во близина на градот Јухуан, во источната кинеска покраина Џеџијанг, соопшти Националниот метеоролошки центар-НМЦ (NMC) на Кина. Во моментот на ударот, максималната брзина на ветерот во близина на средиштето на тајфунот била повеќе од 150 километри на час, наведе НМЦ.
Властите евакуираа повеќе од 900.000 жители од крајбрежниот град Венџоу, во покраината Џеџијанг, во источна Кина, и отворија повеќе од 1.000 прифатни центри. Поради тајфунот денеска беа откажани речиси 1.400 летови на двата главни аеродроми во Шангај, објави државниот радиодифузер CCTV.
Последиците од тајфунот се почувствуваа и во Хонг Конг, на јужниот брег на Кина. Таму беа забележани рекордни 36,9 степени, а високата температура е последица на топлиот воздух што тајфунот Долфин го турна кон градот.
„Бурата се движи кон Жеџијанг и понатаму во внатрешноста, а нејзините надворешни опаѓачки воздушни струи од денеска до вторник ќе донесат екстремно топло време во областа“, соопшти опсерваторијата во Хонг Конг.
Пред да стигне до Кина, тајфунот Делфин донесе обилни дождови и силни ветрови на јапонскиот остров Окинава, каде седум лица беа полесно повредени, вклучувајќи и маж над 100 години кој падна и ја удри главата откако беше соборен од налетот на ветерот, соопштија локалните власти.
До денес попладне, 5.290 домаќинства на Окинава останаа без електрична енергија, објави регионалната енергетска компанија „Окинава Електрик Пауер“. Во Тајван, денеска десетици фериботски линии беа суспендирани, а повеќе од 180 летови беа откажани бидејќи бурата донесе поројни дождови и силни ветрови во северниот дел од островот.
Кинескиот Национален Метеоролошки Центар утрово издаде црвен аларм за тајфунот, што е неговото најстрого предупредување. НМЦ предвиде „исклучително обилни врнежи од дожд“ во делови од централен и источен Жеџијанг. Обилни врнежи од дожд се очекуваат и во Шангај и делови од провинциите Фуџијан, Анхуи и Џангсу до утре попладне.
Извор: nezavisen.mk






