Голем пожар во источниот дел на областа Атика поширокиот регион на Атина – порака за евакуација на едно населено место
Голем број пожарникари, меѓу кои и силите од Романија и Франција кои се во Грција преку европскиот механизам за цивилна заштита, се ангажирани за гаснење на пожарот што околу 8 часот утрово избувна во областа Куварас во источниот дел на периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за евакуација на жителите и оние кои се наоѓаат во населено место што е во непосредна близина на огнената стихија, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретната област, според Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција денеска е во категоријата со многу висок ризик од избувнување пожари.
Пожарот гори ниска вегетација, интервенираат 197 пожарникари, со седум пешадиски тима и 42 возила, меѓу кои и 23 пожарникари со четири возила од Франција, како и 24 пожарникари со пет возила од Романија, кои се наоѓаат во Грција во рамки на програмата за претходно распоредување на европски пожарникари.
Помагаат и волонтери и цистерни од општината, а за гаснење од воздух ангажирани се два авиона и седум хеликоптери, од кои еден е за координација.
Според информациите од противпожарната служба на Грција во текот на целата интервенција, Националниот координативен центар за операции и управување со кризи, ситуацијата ја следи со помош на дрон преку термална и оптичка камера.
Десетина минути по избувнувањето на пожарот, од бројот 112 беше испратена порака до оние кои се во непосредна близина за нивно информирање и предупредување, а во 8.30 часот добија и втора порака за евакуација на жителите на едно населено место.






