Грчките цариници запленија 1 296 боци нелегален фреон, дел од нив откриени во пратка од Македонија
Избегнатите царини и даноци се проценуваат дека надминуваат 338 000 евра

На граничните премини „Дојрани“ кон нашата земја и „Кипи“ кон Турција, при проверка на две товарни возила кои влегле во Грција, царинските службеници на грчката Независна управа за јавни приходи (ААДЕ) откриле и заплениле вкупно 1 296 боци нелегална разладна течност (фреон), а избегнатите царини и даноци се проценува дека надминуваат 338 000 евра.
Од боците со нелегален фреон 1 000 биле скриени во камион со турски регистарски таблички, а останатите 296 во камион што во Грција доаѓал од Македонија.
Од ААДЕ соопштија дека во рамките на насочените активности за сузбивање на шверцот и заштита на животната средина, во петокот на 7 август 2026 година биле извршени контроли на двата копнени гранични премини, едниот кон нашата земја, другиот кон Турција.
„Во раните утрински часови истиот ден, на граничниот премин ’Дојрани’, при контрола на празен товарен контејнер од Северна Македонија, во специјално направена преграда биле откриени 296 боци нелегална разладна течност од типот R134a, за кои царините и даноците се пресметуваат во износ од 55 000 евра“, соопштија од ААДЕ.
Во исто време, на граничниот премини „Кипи“ кон Турција при контрола на товарно возило со приколка со турски регистарски таблички, биле откриени 1 000 боци фреон од типот R404A, што биле скриени под пријавен товар од гипс-картон.
„Увозот на оваа течност во ЕУ е забранет. Вкупната вредност на товарот изнесува 884 400 евра, додека избегнатите царини и даноци се проценуваат на 283 538,64 евра“,пишува во соопштението од Независната управа за јавни приходи на Грција.
Оттаму додаваат дека целата нелегална стока е запленета и оти за двата случаи биле следени пропишаните процедури во согласност со важечкото законодавство, а истрагите продолжуваат понатаму од страна на надлежните органи.






