Улично куче тешко повредило 18 месечно детенце

Јасин Мустафа (18 месеци) бил нападнат и искасан од улично куче во дворот на семејниот дом во Шуто Оризари, информираат неговите родители за „Рома Прес“.

Според нивното сведоштво, кучето најверојатно влегло во дворот, додека членовите на семејството биле заедно на терасата. Детето во моментот било малку пооддалечено од останатите. Кога мајката започнала да го брка кучето, тоа, според кажувањето на семејството, се нафрлило врз детето.

Во нападот, детето се здобило со повеќекратни каснувања и повреди по целото тело, вклучително и во пределот на лицето, увото и предниот и задниот дел од трупот. Детето веднаш било пренесено во здравствена установа, каде што му била укажана медицинска помош.

Од доставената медицинска документација се гледа дека случајот е евидентиран како каснато или удрено од куче (МКБ-10: W54).

Во извештајот е наведено дека детето примило Verorab 0,5 ml s.c., како и дека е потребно да продолжи со предвидените дози и да прими антирабичен серум согласно медицинската проценка. Во документот е наведена и препорака за продолжување со редовната вакцинација според календарот за имунизација.

Имено, случајот е пријавен во полиција, а родителите ангажирале и правен застапник – адвокатот Емран Исмаил.

По немилиот настан, кој за жал не е за прв пат семејството и граѓаните од Шуто Оризари апелираат и бараат веднаш надлежните институции, особено до Градот Скопје, итно да преземат мерки за справување со проблемот со агресивните улични кучиња, со цел да се спречат нови случаи и да се обезбеди поголема безбедност за граѓаните, особено за децата.

„Рома Прес“ располага со медицинска документација поврзана со случајот, која потврдува дека детето било третирано поради каснување од куче. Редакцијата не го утврдува идентитетот или потеклото на кучето независно од исказот на семејството.

Back to top button
Close