На денешен ден пред 34 години Македонија доби знаме и химна
На 11 август 1992 година, неполна година по прогласувањето на независноста, Собранието ги утврди два од клучните државни симболи на Македонија – знамето и химната „Денес над Македонија“.

Со тогашниот Закон за знамето беше утврдена црвена основа со златно-жолто сонце составено од осум основни и осум споредни зраци, односно вкупно 16. Законот бил изгласан на 11 август, а објавен во „Службен весник“ следниот ден.
Неговата употреба траеше до 1995 година. Тогаш беше воведено сегашното знаме – црвено со златно-жолто сонце и осум зраци кои се протегаат до рабовите.
За разлика од знамето, химната усвоена во 1992 година остана непроменета.
„Денес над Македонија“, со текст на Владо Малески и музика на Тодор Скаловски, и претходно се користела како химна на Македонија, а на 11 август 1992 година била потврдена како химна на независната држава.
Усвојувањето на државните симболи следуваше по референдумот за независност од 8 септември 1991 година и донесувањето на новиот Устав во ноември истата година, во период кога Македонија го заокружуваше институционалното оформување како независна држава.






