И АВМУ бара итна истрага за заканите кон Ерол Ризаов: Новинарите мора слободно и без закани да ја вршат својата работа

Во дел од коментарите се содржани повици за физичко пресметување со новинарот, вклучително и пораки со кои се повикува на негово елиминирање и смрт. Ваквата содржина ја наметнува потребата од соодветно постапување од страна на надлежните институции, во рамките на нивните законски надлежности.
Во реакцијата упатена до медиумите, Агенцијата потсетува дека новинарите мора да можат слободно и непречено да ја вршат својата работа без закани, заплашување и притисоци.
„Создавањето атмосфера во која заканите кон новинарите се присутни во јавниот простор може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и слободата на изразување“, се вели во реакцијата.
Заканите за физичко насилство, повиците за нанесување повреда или одземање живот, како и ширењето нетрпеливост и навреди врз етничка основа, не се дел од легитимната јавна дебата и не смеат да се релативизираат или нормализираат.
Агенцијата апелира за одговорно користење на јавниот простор и за почитување на достоинството, безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите, како предуслови за слободно, независно и плуралистичко медиумско опкружување, се вели во соопштението на АВМУ.






