Романската јавност разбранувана поради случајот на напад врз екипа на брза помош по дезинформација објавена преку „ТикТок“
Бурни реакции во романската јавност предизвика неодамнешниот случај на напад врз возило на Службата за итна медицинска помош, со повици и за целосна забрана на социјалната платформа „ТикТок“ во земјата.

Јавноста во Романија се разбранува откако завчера во селото Речја-Кристур во округот Клуж, во северозападниот дел на Романија, локално население нападнало со секири и камења екипа на Службата за итна медицинска помош, при што било искршено предното стакло на возилото, а возачот повреден. Медицинскиата екипа успеала да се извлече од нападот и да се врати во базата.
Причина за нападот било видео објавено на „ТикТок“, што се повикувало на стара урбана легенда за наводно постоење „брза помош што киднапира деца“. Видеото било генерирано или манипулирано со помош на вештачка интелигенција, без да биде означено како содржина создадена со АИ.
На денот на инцидентот на повик била испратена екипа на Службата за итна медицинска помош во селото Речја-Кристур, но кога возилото пристигнало на пријавената адреса каде требало да интервенира, медицинската екипа била нападната од група жители со камења, палки и секири.
Засега не е утврдено дали некој конкретно им кажал на жителите на Речја-Кристур дека „доаѓа брза помош што киднапира деца“. Наместо тоа, според романските медиуми, социјалните мрежи создале информативна средина во која таквото тврдење, за дел од луѓето, изгледало веродостојно.
Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи и раководител на Департманот за вонредни ситуации, Раед Арафат, укажа на опасноста од лажни информации на социјалните мрежи, што комбинирани со слики создадени со вештачка интелигенција, можат да доведат до реални реакции и несоодветни постапки на граѓаните.
Обвинителството во Романија покрена истрага по случајот, а седум лица – шест мажи и една жена – се наоѓаат во притвор.
Заменик-претседателката на Националнолибералната партија (НЛП), Ралука Туркан, побарала од државните институции да ја разгледаат можноста за забрана на „ТикТок“ во Романија.
Во објава на „Фејсбук“ пратеничката од НЛП ја обвини кинеската компанија што стои зад „ТикТок“ за „очигледен неуспех“ во управувањето и отстранувањето на вештачки создадена и манипулативна содржина, посочувајќи дека јавната и националната безбедност треба да имаат предност во случаите со вакви ризици.
Туркан посочи дека платформата била вмешана и во промовирањето на претседателски кандидат со проруски и пролегионерски ставови, алудирајќи на Калин Ѓорѓеску кој неочекувано освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во ноември 2024 година, што подоцна беше поништен.






