„ПЕТ/КТ скенерот не работи оти не се менувало масло, се работи на отстранување на дефектот“

Министерството за здравство реагира на наводите изнесени од Левица во врска со состојбата на ПЕТ/КТ скенерот.
„Согласно официјалните информации од Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ), моменталниот застој е предизвикан од технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот. Овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот, а преземени се сите неопходни чекори апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок“, рекоа од министерството за здравство и додадоа дека проблемот бил долгогодишно занемарување.
„Мора да се укаже дека проблемот произлегува од долгогодишно занемарување – во изминатите години не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години. Оваа состојба е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период, за што актуелното раководство веднаш по констатираната состојба презема мерки за надминување на проблемот“, истакна од министерството.
Министерството соопшти дека презема конкретни и континуирани чекори за трајно надминување на проблемот – вклучувајќи активности насочени кон набавка на нова опрема, со цел здравствениот систем повеќе да не зависи од еден единствен апарат.
„Свесни сме за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин“, се вели во реакцијата на министерството за здравство.






