Номинирани амбасадори за Атина,Будимпешта,Сараево,Осло и Каиро

Поранешен директор на ЈП „Градски паркинг“, поранешна новинарка и актуелна сопственичка на ПР-агенција и адвокат се тројца од петте номинирани идни амбасадори за кои Владата неодамна на седница дала зелено светло, пишува „Слободен печат“.

Во Атина заминува Филип Пасху, кој на 31 декември 2021 година беше назначен за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ каде што претходно веќе работел како заменик-директор и претседател на Управниот одбор. Тогаш од Град Скопје соопштија дека „Пасху е магистер по економија, со долгогодишно работно искуство во управување со многубројни проекти на УСАИД, ДФИД, ИПА-фондовите на Европската Унија. Има искуство и од позицијата неизвршен директор на АД ‘Енергетика‘ Скопје, заменик-директор на ‘Градски паркинг‘, како и претседател на Управниот одбор на истото претпријатие“.

Во Будимпешта ќе нè претставува Татјана Лопарски, поранешна новинарка, а сега сопственичка и извршна директорка на „Елемент ПР“, додека адвокатот Јасмин Калач е изборот на владата за амбасадор во Сараево. Калач постапува во предметот „Пулс“ за кочанската трагедија како бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џеват Селами.

Другите двајца кандидати што поминале на истата владина седница се Дритон Куќи за амбасадор во Осло, Норвешка, и Елма Алторок за амбасадорка во Каиро, Египет. Инаку, Куќи веќе е амбасадор во Осло и ова ќе му биде втор мандат, а Алторок е актуелна вршителка на работите во Каиро, па ќе треба да се врати во Скопје и да брани тези.

Претходно се избрани уште четворица амбасадори што чекаат одбрана на тезите во Собранието. Во Бугарија ќе замине Крум Ефремов, дипломат од кариера, кој беше амбасадор во Украина, а Габриел Атанасов, професионалец од МНР, ќе биде амбасадор во Романија, каде што и претходно беше. Од ресорното Министерство за надворешни работи доаѓа и Мухарем Јусуфи, кој ќе биде амбасадор во Стокхолм, Шведска, додека во Приштина ќе нè претставува Катерина Тодороска.

Од МНР за „Слободен печат“ изјавиле дека без амбасадор или генерален конзул во моментов се вкупно 24 дипломатско-конзуларни претставништва.

Back to top button
Close