Кражбата на железничката во Драчево не можела да се направи без луѓе од ЕВН и „Железници“, вели Николоски

Јас сум убеден дека без луѓе од ЕВН и без внатрешни луѓе од Железница ова не може да се направи, вели министерот Николоски

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски го опишува како „филмски“ грабежот на електровлечната потстаница во Драчево, кој ресорното министерство минатиот месец го оцени како тежок напад врз критичната железничка инфраструктура.

За потсетување, при кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени.

„Тоа е нешто што може да го направат само високостручни луѓе. Со висок напон на електрична енергија не може да се справи обичен човек ниту, пак, таа механизација што е употребена таму не може да се најде каде било… Тоа е сработено во една ноќ, буквално и очигледно од високопрофесионални крадци. Јас сум убеден, но секако јас не ја водам истрагата, туку МВР, но јас сум убеден дека без луѓе од ЕВН и без внатрешни луѓе од ‘Железница’ ова не може да се направи и веројатно тоа истрагата ќе го потврди, но оставам на МВР да ги процесира оние коишто го направиле ова“, кажа Николоски во гостување на Телма.

Електровлечната потстаница во Драчево е во сопственост на „Македонски железници – инфраструктура“. Според првичната процена, материјалната штета изнесува околу пет милиони евра.

Со кражбата, како што соопшти Министерството, предизвикано е целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура и оти објектот е нефункционален.

Back to top button
Close