(ВИДЕО) Го слушнале плачот под урнатините: Спасувачите извлекоа живо бебе по земјотресот во Колумбија

Спасувачките екипи во Колумбија успеале да извлечат живо бебе од урнатините на станбена зграда која се урнала по силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што во понеделникот го погоди западниот дел на земјата.

Еден од спасувачите раскажал дека бил на околу еден и пол блок од зградата кога го слушнал уривањето. Веднаш се упатил кон местото и почнал да ги повикува луѓето кои можеби биле заробени под урнатините.

Од купиштата бетон се јавил маж кој рекол дека е заробен заедно со бебето. Неколку луѓе веднаш започнале рачно да ги отстрануваат урнатините, по што успеале да го пронајдат детето и живо да го извлечат. Бебето потоа било предадено на екипите на итната медицинска помош.

Земјотресот го погодил западниот дел на Колумбија во понеделникот наутро, со епицентар во близина на Сан Хозе дел Палмар во департманот Чоко. Меѓу најпогодените области се Кали, Переира, Манисалес и Кибдо.

Според последните податоци, најмалку 240 лица загинале, додека околу 3.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати. Спасувачите продолжуваат со пребарување на урнатините, а повеќе лица биле извлечени живи и повеќе од еден ден по земјотресот.

Во Кали, од 40 урнати згради биле спасени најмалку 37 лица, додека во Переира се потврдени најмалку 66 жртви. Земјотресот предизвикал големи материјални штети и прекини во сообраќајот, поради што властите прогласиле вонредна состојба за да се забрза испраќањето помош до погодените подрачја.

Back to top button
Close