Владата контра ДУИ: Рамковниот договор ќе се слави на различни страни, со различни гости и говорници
Два одделни настани ќе ја одбележат 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Владата денеска, 12 август, организира одбележување во Клубот на пратениците, додека ДУИ за утре закажа сопствен настан во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

На владиното одбележување е најавен панел на тема „Охридскиот рамковен договор и патот кон европската интеграција“, на кој како учесници се наведени градоначалникот на Тетово Билал Касами, поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, поранешниот дипломат и универзитетски професор Азиз Положани и Кларис Пастори, дипломат со искуство во Западен Балкан. Модератор на панелот е Венера Латифи Азизи.
На поканата за настанот стојат Владата и Министерството за односи меѓу заедниците, а одбележувањето е најавено по повод 25 години од Охридскиот рамковен договор.
Само еден ден подоцна, на 13 август, годишнината од потпишувањето на договорот одделно ќе ја одбележи и Демократската унија за интеграција.
ДУИ организира настан во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, во чии рамки е најавена панел-дискусијата „25 години од Охридскиот мировен договор – наследството, предизвиците и иднината“.
Во поканата потпишана од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Охридскиот договор е опишан како „еден од најзначајните моменти во современата историја“ на државата, со кој биле поставени темелите на мирот, стабилноста, мултиетничката демократија и евроатлантската перспектива.
Така, четврт век од договорот со кој во 2001 година беше ставен крај на војната во Македонија ќе биде одбележан со два одделни настани – еден во организација на Владата и друг во организација на ДУИ.






