Историски најнизок водостој на реките во Холандија, проблеми поради суша се појавија и на темели на куќи
Долготрајната суша предизвикува се повеќе проблеми со темелите на куќите во Холандија, а властите веќе добија двојно повеќе пријави оваа година отколку лани.

Сопствениците пријавуваат пукнатини во ѕидовите, заглавени врати и прозорци и деформирани фасади, објави денес „NL Times“.
Површините со глина и тресет се најмногу изложени на ризик, бидејќи таквата почва се собира кога нивото на подземните води се намалува, предизвикувајќи куќите да „тонат“, честопати нерамномерно.
Во Холандија и реките се на историски најниски нивоа на водостој.
Протокот на Рајна е 615 кубни метри во секунда, што е „пониско од кога било“, објави Агенцијата за управување со водите (дел од холандското Министерство за инфраструктура и вода). Водостојот на Маас е исто така низок, нивоата на подземните води се ниски до екстремно ниски на повеќето места, а нивото на водата во езерото Ијселмер (најголемото затворено слатководно езеро во централна Холандија) опаѓа.
„Крајот на сушата не е на повидок“, соопшти агенцијата.
Топло време без „големи“ врнежи се предвидува за Холандија и сливните подрачја на главните реки и за следната недела. Затоа, се очекува дефицитот на врнежи во Холандија да достигне околу 300 милиметри. Во некои региони, тој индикатор надминува 400 милиметри.
Нискиот водостој би можел да продолжи до декември, очекува Агенцијата за управување со водите






