Прогласена епидемија од западнонилска треска во Кисела Вода, Илинден, Гази Баба и Бутел
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центарот за јавно здравје Скопје официјално прогласија епидемија на западнонилска треска во повеќе општини и населени места во главниот град.

Според информациите, епидемијата е прогласена на подрачјето на општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден и Кисела Вода, односно во населбата Пржино, како и во Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.
Во изминатиот викенд починал 83-годишен пациент кај кого бил регистриран вирусот, а кој имал и повеќе хронични заболувања.
На Инфективната клиника досега биле регистрирани вкупно 29 пациенти, од кои петмина се во исклучително тешка здравствена состојба и се приклучени на механичка вентилација.
Според податоците на ИЈЗ, регистрирани се 26 случаи, при што кај 24 лица присуството на вирусот е лабораториски потврдено. Од заболените, 25 се од Скопје, додека еден случај е регистриран во Велес.
Податоците покажуваат дека заболените се мажи на возраст над 60 години, кои претежно извршувале земјоделски или градинарски работи на отворено. Најголем ризик од изложеност постои во раните утрински и приквечерните часови, кога комарците се најактивни.
Здравствените власти препорачуваат граѓаните да користат средства за заштита од комарци при престој на отворено, да постават заштитни мрежи на прозорците и вратите и, доколку е можно, да го избегнуваат престојот на отворено во периодите кога комарците се најактивни.
Посебна претпазливост се препорачува за повозрасните лица и лицата со хронични заболувања, кај кои постои поголем ризик од развој на потешка форма на болеста






