Косовска компанија влегува на македонскиот пазар: „Проекс Интернационал“ го презема бизнисот на „Тинекс“
Косовската компанија „Проекс Интернационал“ има намера да стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје, покажува известувањето доставено до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Постапката за концентрација е официјално пријавена на 10 август 2026 година.

Според објавените информации, на 2 јули годинава било склучено Писмо за намери и рамка за трансакцијата меѓу „Тинекс-МТ“, како продавач, и „Проекс Интернационал“, како купувач. Со документот страните се согласиле за главните комерцијални услови и структурата на планираната трансакција.
Предвидено е косовската компанија да го преземе малопродажниот бизнис со супермаркети што во Македонија го управува „Тинекс-МТ“, меѓу кои објектите што работат под називите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.
По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули „Тинекс-МТ“ го регистрирал новото друштво „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје, кое треба да служи како средство за стекнување и понатамошно работење на малопродажниот бизнис. На новоформираното друштво треба да му биде ставен на располагање целиот бизнис или неговите релевантни делови, согласно условите што дополнително ќе бидат регулирани со преддоговор и конечната документација за трансакцијата.
Главната дејност на „Проекс Интернационал“ е трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Компанијата и групацијата на која ѝ припаѓа досега немаат поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приходи на македонскиот пазар во 2025 година.
Како релевантен пазар за оценување на концентрацијата е предложен пазарот за трговија на мало во неспецијализирани продавници, односно маркети.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата наведуваат дека врз основа на прелиминарното испитување трансакцијата може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Комисијата ги повика заинтересираните трети страни во рок од 10 дена од објавувањето на известувањето да достават свои забелешки и мислења за планираната концентрација.






