„Потрошувачката кошница 70.000 денари, минималната плата 26.000 денари – што вели статистиката на Мицкоски?“, вели СДСМ

Со остри критики за економската политика на Владата, СДСМ преку соопштение ја спореди вредноста на платите со трошоците за живот и порача дека официјалните економски пораки не се совпаѓаат со секојдневието на граѓаните.

Од партијата наведуваат дека потрошувачката кошница изнесува околу 70.000 денари, додека минималната плата е околу 26.000 денари, а просечната плата околу 49.000 денари.

Според СДСМ, за млад човек кој нема сопствено живеалиште потребни се околу 90.000 денари месечно само за основните трошоци.

„Нема подобра статистика од паричникот и фрижидерот“, велат од СДСМ, додавајќи дека граѓаните најдиректно ја чувствуваат економската состојба преку секојдневните трошоци.

Од опозициската партија истовремено ги критикуваат пораките на власта за економскиот напредок, посочувајќи дека во јавноста се зборува за високи стапки на раст, зголемување на платите и пензиите и подобрување на економските показатели.

СДСМ упати и остри политички обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ги и нивните политички пораки и начинот на кој ја водат државата.

Од партијата оценуваат дека граѓаните не треба да ги оценуваат економските политики само преку политички пораки и статистички податоци, туку и преку реалните трошоци и стандардот на живот.

„Народот не е талог“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, граѓаните на следните избори ќе имаат можност да ја оценат работата на актуелната власт објави Скопје1.мк

Back to top button
Close