Левица: Кој дозволи загадената вода во Гостивар двапати да биде прогласена за безбедна?
Левица бара одговорност за институциите кои, како што велат од партијата, дале уверувања дека водата во Гостивар е безбедна, иако подоцна се утврдило дека водоснабдителниот систем бил контаминиран.

Од Левица посочуваат дека на 29 јуни Центарот за јавно здравје Тетово издал стручно мислење според кое водата ги исполнува законските и стручните услови. Според партијата, во тој период веќе биле поставени спорните пумпи и загадена вода влегувала во системот.
„На 13 јули следува уште едно зелено светло дека водата е безбедна. Само еден ден потоа почнува масовниот прилив на луѓе со дијареја, повраќање, температура и истоштеност“, наведуваат од Левица.
Од партијата прашуваат како биле земени и обработени мострите врз основа на кои водата била прогласена за исправна.
„Наместо итни разрешувања, суспензии, дисциплински постапки и внатрешна ревизија, до последниот лабораториски запис се молчи. Никој јавно не објасни кој ја зел мострата, од која точка, во кој час, како била транспортирана, кои параметри биле испитани и кој ги верификувал резултатите“, велат од Левица
Од партијата сметаат дека одговорноста не може да се бара само во ЦЈЗ Тетово, туку и во поширокиот систем на јавно здравство.
„Институтот за јавно здравје не може да се сокрие зад ЦЈЗ Тетово како зад туѓа институција. Стручната работа на центрите за јавно здравје ја координира токму Институтот за јавно здравје“, се наведува во соопштението.
Левица го повикува и министерот за здравство Арбен Таравари да одговори зошто, како што велат, не е иницирано утврдување одговорност за раководството на институцијата која двапати издала мислење дека водата е безбедна.
„Прашањето повеќе не е само што знаеле надлежните, туку што презеле откако се појавија двата спорни извештаи од 29 јуни и 13 јули“, велат од партијата
Од Левица бараат да се утврди личната одговорност на сите лица кои учествувале во изготвувањето, одобрувањето и надзорот на извештаите, како и да се преземат мерки против раководните лица во институциите за кои ќе се утврди дека потфрлиле.
„Додека тоа не се случи, секое уверување дека системот функционира е неубедливо“, порачуваат од Левица.






