Совети за борба против заморот

Чувството на постојан замор и недоволната енергија во текот на денот не мора да биде само поради стрес или недостаток на сон. Нивото на енергија може да биде под влијание и на секојдневните навики на коишто честопати не се обрнува доволно внимание.

Исхраната, меѓу друго, има важна улога. Недоволниот внес на железо може да биде поврзан со чувство на исцрпеност, раздразливост и лоша концентрација. Затоа можете да вклучите храна како грав, јајца, тофу и темнозелен зеленчук во дневната исхрана. Заедно со ова, корисно е да се јаде храна богата со витамин Ц, што му помага на телото подобро да го искористи железото од храната.

Заморот може да биде предизвикан и од недоволен внес на течности. Кога на телото му недостасува вода, може да се почувствува исцрпено, проследено со тешкотии со концентрацијата и недостаток на енергија. Затоа е важно редовно да пиете вода во текот на целиот ден, особено за време на физичка активност и при потопло време.

Причина може да биде и недоволното движење. Физичката активност ја стимулира циркулацијата, го зајакнува телото и може да помогне да се чувствувате поодморени. Не мора веднаш да се почне со интензивни тренинзи, туку и редовните прошетки може да бидат добар начин за вежбање и за подобрување на расположението.

Постојаната потреба да им угодувате на другите може, исто така, да ја исцрпи енергијата. Ако ви е тешко да одбиете барања и често преземате повеќе одговорности отколку тоа со што може да се справите – и тоа може да доведе до дополнителен стрес и емоционална исцрпеност. Поставувањето граници и навиката да се каже „не“ кога е потребно, може да помогне при заштедувањето време и енергија.

Навика што може да придонесе за замор е и користењето телефон и други уреди непосредно пред легнување навечер. Гледањето подолго време во екран може да го отежни опуштањето и негативно да влијае на квалитетот на спиењето. Затоа се советува и препорачува да одвоите време и „да се исклучите“ од телефонот, компјутерот и другите уреди пред спиење.

Иако некои од овие навики може да изгледаат незначителни, нивното менување може да направи голема разлика во тоа колку енергија имате во текот на денот. Квалитетниот сон, сепак, е еден од клучните начини за враќање на енергијата. Обидете се да спиете доволно секоја вечер – заедно со редовно, урамнотежено хранење, пиење многу вода и редовно вежбање.

Back to top button
Close