Трет случај на усмртена кафеава мечка од удар на автомобил во северна Грција

Во период од неколку дена, три кафеави мечки биле усмртени од удар на автомобили во северна Грција, а од еколошката организација за дивиот свет и природата „Калисто“ апелираат возачите да бидат внимателни, да се движат со намалена брзина, бидејќи во овој период е зголемена раздвиженоста на дивите животни,
Од „Калисто“ информираа дека само неколку дена по двете последователни сообраќајни несреќи со смртни последици во регионалната единица Кожани, доцна синоќа во близина на Костур (Касторија) бил евидентиран трет случај на усмртена кафеава мечка.
Станува збор за машка кафеава мечка стара околу три години и тешка меѓу 60 и 70 килограми, што била удрена од возило во движење,
– Во овој период, видот кафеава мечка има зголемена потреба од храна, бидејќи се подготвува за зимскиот сон. Поради тоа мечките се раздвижени во потрага по храна со што е зголемена веројатноста да поминуваат преку патишта, а со тоа е зголемена веројатноста за сообраќајни несреќи. Од тие причини, се апелира до возачите кои се движат во областа западна Македонија да бидат дополнително внимателни, особено во доцните попладневни и вечерните часови, кога паѓа мрак и видливоста е намалена, информираа од организацијата.
Меѓу упатствата за возачите од „Калипсо“ посочуваат дека при евентуална средба со мечка, потребна е смирена реакција.
Доколку мечката е во близина на патот или на самиот пат, возачот треба постепено да ја намали брзината, без нагли маневри, да не свири и да не ги вклучува долгите светла, бидејќи може да го исплаши животното и да предизвика паника или дезориентација и да остане во возилото сè додека мечката не се оддалечи





