Червар: Гумерсбах е фаворит, но ние мораме да покажеме волја и желба

Македонскиот претставник во ЕХФ Лига Европа, Еурофарм Пелистер, утре ја пречекува екипата на Гумерсбах од Германија во рамки на 4. коло од групата Г. Македонскиот тим со еден бод е последен на табелата, а избраниците на Лино Червар не се откажуваат од пласман во следната фаза, но ќе мора прво да стигнат до победа во утрешниот дуел.
– Ќе биде тежок натпревар. Германците доаѓаат без Рогановиќ, но и без него се една силна екипа која може рамноправно да игра со која било екипа. Гумерсбах е екипа составена од многу квалитетни играчи собрани од цела Европа. Во Бундеслигата играат секогаш врвни играчи и нема да биде лесно. Тие можеби се фаворити, но ние мораме да покажеме волја и желба. Мора борбата и волјата да бидат поголеми, изјави Червар.
Натпреварот Еурофарм Пелистер – Гумерсбах се игра со почеток во 20:45 часот, а во вториот дуел од групата играат Ла Риоха и Вибжеже. Гумерсбах и Вибжеже имаат по четири бодови, Ла Риоха 3, а Е.Пелистер 1.






