“Скриениот психопат делуваше како мирен, повлечен и културен дечко” Охридски тренер во шок по насилството врз девојката, лично ги познава и двајцата
Не стивнуваат реакциите во јавноста по бруталното насилство врз девојка во Охрид, за кое викендов беше приведен 31-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата партнерка во автомобил, а потоа ја исфрлил на улица во близина на маркет.

За случајот се огласи и познатиот охридски тренер и бодибилдинг шампион Бобан Наумоски, кој откри дека лично ги познава и девојката и осомничениот, бидејќи двајцата биле членови во неговата теретана.
Наумоски вели дека сè уште е во неверување по информациите за нападот, особено затоа што, според него, ништо во однесувањето на осомничениот не укажувало дека би можел да изврши вакво насилство.
„Лично ги познавам двајцата како наши членови во теретана. По десетина повици во текот на денешниот ден од луѓе кои се во неверување, исто како што сум и јас сè уште, полека ми станува јасно дека ова се навистина луѓето кои ги познавам и дека настанот навистина се случил, дека не е само лош сон“, напиша Наумоски.
За нападнатата девојка има само пофални зборови, опишувајќи ја како мирна, културна и вредна личност
„За девојката има една поговорка со која може комплетно да се опише – ‘На мравка не гази’. Прибрана, културна, работлива и лепотица која се надевам ќе собере сила да остане иста после овој претрпен кошмар“, вели тој.
Особено го вознемирило сознанието дека осомничениот, кој со години се занимавал со спорт и работел како персонален тренер во Охрид, во јавноста оставал сосема поинаков впечаток.
„Скриениот психопат кој навидум делуваше како мирен, повлечен и културен дечко кој цел живот спортува, а последната година работеше и како персонален тренер низ Охрид, покажа лице кое сите кои го познаваа ги остави во шок и неверување“, напиша Наумоски.
Тој додава дека никогаш не би го вброил осомничениот меѓу луѓето за кои би помислил дека можат да извршат насилство врз жена.
„Ни на крај памет не би го ставил во групата на потенцијални насилници врз понежната половина… сè до денес. Се запрашувам со кого сè јас секојдневно се поздравувам, комуницирам и делам ист воздух!?“, прашува тренерот.
Како татко на две девојчиња, Наумоски изразува и сериозна загриженост во врска со информациите за правната квалификација на делото.
„Како татко на две девојчиња, особено ме вознемирува најновата информација дека наводно се товари само за телесна повреда, а не за обид за убиство. Доколку оваа информација е точна, сметам дека станува збор за исклучително сериозен проблем“, посочува тој.
Во својата реакција упатува и порака до институциите, предупредувајќи дека недовербата во правосудниот систем може да има сериозни последици.
„Не смееме да дозволиме општеството да дојде до точка во која татковците и браќата ќе помислуваат дека единствениот начин да ги заштитат своите ќерки и сестри е да ја земат правдата во свои раце. Тоа би било уште еден пораз на институциите и на сите нас“, порачува Наумоски






