„Ние по болници и по притвори, напаѓачот пуштен на слобода“ – семејството на Сара објаснува што се случува
Таткото на претепаната Сара Ѓоргиевска од Охрид, која викендов била исфрлена од автомобил пред супермаркет од вчера напладне е задржан во полициска станица зашто на семејството на напаѓачот на ќерка му му испратил порака дека „ќе им вратат“, а осомничениот за нападот, Кристијан Корабоски, е пуштен од станица, вели за „Слободен печат“ братот на девојката, Димитар.

Тој е дециден дека сестра му, на записник за примање кривична пријава во полициската станица Охрид, многупати навела дека осомничениот мислел дека е мртва и со татко му правел планови како да се ослободи од телото, при што добил инструкции да се ослободи од телото. Сара минатата вечер не можела да спие во болница, вели тој, но на никој од семејството не му било дозволено да остане со неа. Братот на Сара ни рече дека образложението што им го дале од болницата било дека „има многу вируси и не може да има посети“.
Додека девојката била хоспитализирана, во истата болница го донеле и осомничениот на снимање. Од исфрлањето од автомобил постои видеоснимка и целиот настан е снимен, тврди семејството.
„Сара живее во страв и во неизвесност“
Утринава мајката на Сара Ѓоргиевска, која беше претепана од своето момче во Охрид и оставена пред маркет, се огласи јавно со потресно сведоштво за случувањата пред и по нападот, изразувајќи загриженост за безбедноста на ќерка си, која сè уште се наоѓа во болница.
Во објава на социјалните мрежи, таа тврди дека девојката живее во страв и во неизвесност, особено откако осомничениот синоќа бил пуштен на слобода.
Според нејзиното сведоштво, 31-годишниот насилник, додека нејзината ќерка била во бессознание, мислел дека е мртва и стапил во контакт со својот татко, барајќи помош како да се ослободи од нејзиното тело. Мајката тврди дека таткото му давал насоки како да го направи тоа.
Таа наведува и дека телефонот на девојката бил намерно искршен, со што ѝ била оневозможена можноста да повика помош. Во објавата пренесува и зборови што, според неа, ќерка ѝ ги слушнала додека била во беспомошна состојба:
„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“
…





