Митовски побара од Владата и АХВ да најдат законска можност за решавање на проблемот со добитокот што ја окупира општината

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска повторно одржа прес-конференција на која побара од Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство итно да утврдат законски механизам со кој општината ќе може да ја координира акцијата за отстранување на добитокот од улиците и имотите на граѓаните, во соработка со надлежните институции и под ветеринарен надзор.
Посочи дека граѓаните предолго трпат материјални штети, а правосилните и извршни решенија за одземање на животните што постојат повеќе од две години, сèуште не се целосно спроведени.
– Не барам да ги заобиколиме институциите или законите. Напротив, барам институциите да создадат услови во кои ќе можеме да постапуваме заеднички, организирано и законски. Со префрлање на одговорноста помеѓу институциите нема да се дојде до конкретен резултат, рече Митовски и повика на заедничко постапување.
Нагласи дека приоритет е проблемот да се реши, потврдувајќи ја подготвеноста на Општината да превземе поголема улога во спроведување на акцијата штом ќе се обезбедат законските услови.
Инаку, на последната седница на Советот на Општина Крива Паланка, одржана во петок, 13 ноември, советничката група на СДСМ предложила и донесување закчлучок за иницијатива до Владата за прогласување 30-денвна кризна состојба на подрачјето на Крива Паланка.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во дискусијата посочија дека наместо заклучок и иницијатива на СДСМ, бараат заклучоците од кризниот штаб да се дискутираат на итна седница , по која за заедничка и кооридинирана акција, сите ќе превземат обврски, да се настапи заеднички пред сите институции за решавање на проблемот, а не да се прават политички кампањи од истиот.
Пред една седмица Митовски заедно со бројни граѓани на прес-конференција го актуализираа овој горлив проблем во градот што се провлекува речиси една деценија. Според заклучлоците на Оштинскиот кризен штаб, околу 1.000 грла крупен добиток (говеда) неконтролирано се движат низ градот , нанесуваат штети на приватен и јавен имот, а претставуваат закана и за граѓаните и за безбедноста на сообраќајот.






