Пропадна и третиот обид на државата да ги продаде становите на Водно кои беа конфискувани од Груевски

И по трет пат државата не успеа да ги продаде трите луксузни станови на Водно, кои беа конфискувани од екс премиерот Никола Груевски во случајот ,,Палцеви на Водно”. Наддавањето беше закажано за 29 јули, но како што за ,,Фокус” објасниле од Агенцијата за управување со одземен имот, становите не се продадени.

Становите се продаваа за вкупна почетна цена од 2.457.000 евра.

Станува збор за три апартмана во Панорама резиденс, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Тие се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Почетната цена за него беше 760.000 евра. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.

Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни. Наддавањето за него беше од 847.000 евра.

Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати. Неговата почетна вредност е проценета на 850.000 евра.

Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно

Back to top button
Close