АфД против амбасадата во Скопје: спор за “Ангели во Америка”

Крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) бара одговори од владата во Берлин, зошто германската амбасада во Скопје финансирала театарска претстава за правата на ЛГБТИ популацијата. Темата доби на тежина откако таблоидот Билд ја пренесе информацијата, а пратеници и поддржувачи на АфД масовно ја споделија на Х (поранешен Твитер), скандализирани поради содржината на претставата.

Се работи за театарската претстава „Ангели во Америка“ која беше изведена во Македонскиот народен театар во Скопје во 2025 година со делумно финансирање од германската амбасада.

Претставата во режија на Филип Петковски е адаптација на делото на Тони Кушнер- инспирирано од настани од неговиот приватен живот- кое го раскажува животот на ликови од квир заедницата во Њујорк во 1980 години. Кушнер стекна светска слава со насловот, а претставата долги години беше прикажувана на сцените ширум целиот свет. Во 2003 година беше снимена и филмска мини-серија во која главните улоги ги толкуваат Ал Пачино и Мерил Стрип.

Но, според АфД, финансирањето на вакви настани не се вклопува во најавеното напуштање на идеолошки мотивирани политики преку германската развојна помош.

Во пратеничко прашање поднесено до Бундестагот, од АфД во тоа гледаат проблем:

„(…) така, Германската амбасада во Скопје (Северна Македонија) во 2025 година поддржа квир театарска претстава од САД, насочена против Републиканската партија, „во која станува збор за човек што умира од СИДА и има пророчки визии од ангел, опишан како суштество со „осум вагини““. Оваа театарска претстава, „Ангели во Америка“ („Angels in America“), во 2024 година беше финансирана од администрацијата на Бајден. Во 2025 година, со стапувањето на должност на новата администрација на Трамп, германската сојузна влада ги презеде трошоците за изведбите во Северна Македонија.“

 

Фактите говорат поинаку

Фактите, сепак, говорат поинаква приказна. Имено, според информации на ДВ, претставата во Северна Македонија воопшто не била финансирана со пари од развојниот фонд на Германија, туку од ткн. мал фонд за култура и наука на амбасадата, и тоа во вкупен износ од 2.000 евра во соработка со Министерството за култура.

Притоа, од претставата отсуствувало и „суштеството со осум вагини“. Имено во Скопје бил обработен само првиот дел од претставата во кој пророчките визии од ангелот воопшто не се тематизираат.

Сепак тоа не го спречи таблоидот Билд да ја афирмира приказната на АфД, со акцент токму на „осумте вагини“ и развојната помош. Во текстот од 13 август со наслов: „Развојна помош? 612 милиони евра се трошат на родови проекти“, Билд ја наведува претставата како пример на настан кој „не се вклопува во најавеното напуштање на идеолошки мотивирани политики“.

„Имено, во иднина развојната помош треба пред сѐ да биде насочена кон заштита и унапредување на германските интереси“, наведува таблоидот.

Бранот на споделување и политичката позадина

Текстот на Билд, со акцент на претставата во Скопје, потоа е масовно споделуван на платформата „Х“. Поранешниот главен уредник на Билд, новинарот Јулијан Рајхелт, споделувајќи го постот порачува: „Уште еднаш: На Германците не смее да им се укине ниту едно единствено право, ниту еден цент, ниту пензијата на 63 години, ниту какви било социјални или здравствени бенефиции, едноставно ништо, сѐ додека трошиме стотици милиони (и милијарди) во странство за вакви бесмислици.“

Рајхелт, кој важи за близок до десничарската сцена во земјата, минатата година беше предмет на истрага на обвинителството во Берлин поради ширење омраза, а му се забележува и дека неговите постови често содржат говор на омраза.

Меѓу бројните споделувања на постот е и она на пратеничката на АфД во Европскиот парламент Кристине Андерсон, која ја оценува како „лудило“.

Во позадина на целата приказна се крие најавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пред доаѓањето на власт, дека ќе стави крај на финансирањето на проекти кои се поврзуваат со левичарската идеологија. Според Билд, проблем е што министерката за развојна соработка Реем Алабали Радован, која доаѓа од Социјалдемократската партија (СПД), не ја следи таквата политика. Имено, уделот на проектите поврзани со родова еднаквост и со новата влада во вкупниот буџет за развојна помош е намален само минимално, од 5,6 на 5,4 проценти.

Како резултат на тоа, пишува Билд, во Индонезија со 392.000 евра се поддржуваат „екофеминистички пристапи“ во локалната политика.

Дополнително, феминистичката развојна политика во Ерменија, Колумбија, Руанда и Тунис ќе биде поддржана со вкупно 10 милиони евра до 2027 година.

До 2028 година се предвидени уште 20 милиони евра за зајакнување на „локални и регионални актери од граѓанското општество за феминистичка трансформација во Африка“.

 

 

Back to top button
Close