Трагедија кај Омиш: Пронајдено тело на изгорената површина по големиот пожар

При вршење на увид на теренот зафатен од големиот пожар што од синоќа беснее во околината на Омиш, полициските службеници денеска околу 13:30 часот пронашле тело на починато лице. Ова е прва потврдена жртва во огнената стихија што го погоди овој регион.

Од Сплитско-далматинската полициска управа информираа дека на местото на настанот е започнат детален истражен увид, кој е предводен од надлежниот државен обвинител.

„Ве известуваме дека при увидот на изгорената површина околу 13:30 часот, полициски службеници пронајдоа тело на едно лице. На местото на пронаоѓањето на телото ќе се спроведе истрага, предводена од надлежниот државен обвинител со помош на полицијата“, соопштија од полицијата.

Засега нема официјални информации за идентитетот на починатото лице, ниту за точните околности под кои настапила смртта. Подетални податоци се очекуваат по завршувањето на истражните дејствија.

Ситуацијата со повредените граѓани е сериозна. Во текот на ноќта и утрото, во болницата во Сплит биле згрижени 40 лица повредени во пожарот, од кои 14 се задржани на болничко лекување. Лекарите се борат за животите на седум лица кои се приклучени на респиратор, меѓу кои се шест возрасни лица и еден 17-годишен малолетник.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close