Медведев: Неонацистите заслужуваат директен удар врз Берлин


Германската влада ја обвини Русија за обидот за бомбашки напад на аеродромот во Лајпциг. Како организатори се идентификувани маж роден во Русија со летонски пасош и државјанин на Белорусија, кој во полициските досиеја е заведен со руски пасош.

Како директен одговор, Берлин одлучи да го затвори Генералниот конзулат на Русија во Бон. Истовремено, рускиот амбасадор Сергеј Нечаев повторно беше повикан во германското Министерство за надворешни работи.

Германија исто така најави раскинување на договорот што овозможува работа на „Рускиот дом“ во Берлин – културна институција за која германските власти се сомневаат дека е поврзана со руските разузнавачки структури. Берлин најави и зголемен притисок врз Русија во однос на таканаречената „флота од сенка“, која ја поврзува со заобиколувањето на санкциите и со потенцијални активности за шпионажа и саботажа.

На сето ова реагираше „трубадурот“ на Путин и поранешен претседател на Русија, Дмитриј Медведев.

– Берлин ја обвини Русија за недокажан напад врз аеродромот во Лајпциг. Со оглед на неонацистичкиот и изразено русофобичен став на актуелното германско раководство, овој исцениран чин на саботажа е најблагата можна казна за нивните престапи. Тие заслужуваат директен напад врз сите германски капацитети за воено производство што ја снабдуваат бандеровската клика. А многу веројатно и врз други цели во Берлин – изјави Медведев, нарекувајќи го Зеленски луд кловн.

– А што се однесува до заканите на лудиот кловн во врска со цивилното воздухопловство во рускиот воздушен простор… Шефот на државата веќе ги окарактеризира како објава на државен тероризам од страна на бандеровскиот режим. Со терористи не се преговара; на нивните постапки се одговара со одмазда. А секој терористички чин има свои покровители. Во моментов, тоа се лидерите на западните земји, пред сè на европските. А тие често патуваат во Киев со воз – заклучи Медведев.

Back to top button
Close