Боки 13, Камчева, Јахоски, Азманов, Ременски и Вице Заев меѓу контактите на судијата Ѓоко Ристов

Телефонскиот именик на обвинетиот апелациски судија Ѓоко Ристов беше во фокусот на денешното судење, при што обвинителката Искра Хаџи-Василева прочита повеќе познати имиња од политичкиот и бизнис-секторот кои биле запишани меѓу неговите контакти.

Меѓу имињата што беа споменати се Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Ана Камчева, сопруга на бизнисменот Орце Камчев, пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, кој во именикот на Ристов бил запишан како „бабе Исмаил“, како и неговиот син Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“. Споменат бил и бизнисменот Зоран Азманов.

На списокот со контакти, според обвинителството, се наоѓале и Фехми Стафа, кој во јавноста се поврзува со случајот со осомничениот Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, како и Исмет Гури, поранешен директор на УЈП и функционер на ДУИ, кој беше опфатен во предметот „Титаник 3“.

Меѓу контактите била и поранешната пратеничка Фросина Ременски, а во телефонот бил зачуван и број што, според обвинителството, му припаѓал на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Иако обвинителството на судењето не презентирало конкретна комуникација меѓу Ристов и наведените лица, обвинителката оценила дека самото постоење на овие контакти може да биде разгледувано од аспект на етичките и законските стандарди.

Хаџи-Василева го истакнала и контекстот на предметот, кој се однесува на наводни коруптивни практики, поради што контактите на обвинетиот со лица од политичкиот и бизнис-секторот биле презентирани пред судот, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close