(ВИДЕО) Масовен протест во Загреб, граѓаните обвинуваат за десетици илјади тони илегално депониран отпад кај градот Госпиќ
Организаторите на протестот упатија барања до Владата, а првото е во рок од 20 дена да ја претстави целокупната програма за санација на штетата со обврзувачки рокови

Со скандирање „Хрватска, Хрватска!“, точно напладне, на исполнетиот плоштад „Бан Јосип Јелачиќ“ во хрватскиот главен град Загреб, започна официјалната програма на протестот насловен „Оди за Лика, оди за Хрватска“.
Протестот го организираше граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“ поради, како што велат, десетиците илјади тони илегално фрлен отпад во подрачјето на овој хрватски град во регионот Лика.
Организаторите на протестот упатија барања до Владата, а првото е во рок од 20 дена да ја претстави целокупната програма за санација на штетата со обврзувачки рокови.
Што беше порачано на протестот
„Ја имаме само неа, да покажеме колку ја сакаме“, им порача на илјадниците собрани граѓани Владимир Шулентиќ од граѓанската иницијатива „Госпиќ е наш дом“, а тие му возвратија со скандирање „Хрватска, Хрватска“.
Жељка Шикиќ, жителка на Госпиќ, прва одржа говор на преполниот плоштад. Таа на присутните им рече дека и ја враќаат вербата во луѓето.
„Ви благодарам од срце. Ви благодарам што ми ја враќате вербата во луѓето, вербата во нас, ви благодарам за секоја порака, за секој буква. Ви благодарам за секој јавен истап бидејќи за тоа денес треба да се има храброст. Посебно ви благодарам што не ја пуштате политиката во својот дуќан. (…) Нам, што си го живееме животот достоинствено, нѐ предадовте во рацете на еко-мафијата“,рече таа.
Претседателот на „Домовинско движење“, Иван Панева изјави дека стратегијата на Хрватска за управување со отпад е недоволно јасна.
„Со гадење ја осудувам таа појава на илегално одлагање отпад, како и несфатливо недоволно јасната стратегија за управување со отпадот, каде што едноставно сите се поддеднакво виновни и каде што работата не би ја делел на леви и десни“рече тој.
Што вели хрватската влада
Вицепремиерот Томо Медвед изјави дека Владата е свесна за ситуацијата во Госпиќ и дека во санацијата на спорната депонијата постапува законски, системски, одговорно и транспарентно.
„Владата и тоа како е свесна за ситуацијата во Госпиќ, но свесни сме за ситуацијата и за опасностите и на другите такви илегални депонии“рече тој.
Медвед додаде дека Владата презела низа конкретни дејствија за кои пред два дена јавноста ја известил премиерот Андреј Пленковиќ и ги нагласил конкретните чекори и динамиката на Владата за санација на депонијата во Госпиќ.
Министерството за заштита на животната средина и зелена транзиција соопшти дека Хрватска не дозволува неограничен увоз на сите видови отпад и дека не е точно тврдењето дека опасниот отпад може слободно да се увезува






