Познатиот турски актер Серхат Мустафа Килич вчера е пронајден мртов во својот дом

Смртта на 51-годишниот турски актер Серхат Мустафа Килич ја потресе јавноста, откако тој бил пронајден безживотен во својот дом во истанбулската населба Кагитхане. Информацијата ја пренесоа повеќе турски медиуми, меѓу кои и „Анадолу“.
Килич последен пат бил во контакт со блиските пред околу два дена. Откако не успеала да стапи во контакт со него, неговата девојка дошла во станот и го затекнала неподвижен во фотелја во дневната соба. Веднаш биле повикани полицијата и медицинските екипи, но лекарите можеле само да ја потврдат неговата смрт.
При увидот биле забележани модринки во пределот околу очите, како и на рацете и нозете. Сепак, според досега објавените информации, на телото немало отворени рани, исеченици или други очигледни повреди кои би укажувале дека актерот бил физички нападнат.
За да се утврди што точно ја предизвикало смртта, телото е предадено на Институтот за судска медицина. Ќе биде извршена обдукција, по што се очекуваат повеќе информации. Засега причината за смртта не е официјално соопштена.
Неофицијално, турските медиуми објавуваат различни информации за здравјето на актерот. Некои, повикувајќи се на неговата девојка, наведуваат дека Килич боледувал од лимфом, додека други пишуваат за проблеми со тироидната жлезда. Овие информации засега не се потврдени како причина за смртта и останува да се утврди дали постоела каква било поврзаност со неговата здравствена состојба.
Серхат Мустафа Килич беше активен на турската телевизиска, филмска и театарска сцена, а зад себе остави бројни улоги. На пошироката публика ѝ беше особено познат како Ергун Плак од серијата „Seksenler“, а во текот на кариерата учествуваше и во низа други телевизиски, филмски и театарски проекти, објави Скопје1.мк






