Тошковски за споредбите со „Див Запад““ по убиството во Чаир. Со него не било така, тоа било претходно

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вчерашното гостување на „Канал 5“ истакна дека интензивно се работи на расчистување на случајот со убиството на 26-годишниот А.М. од Скопје, кој синоќа беше застрелан во скопски Чаир, нагласувајќи дека МВР има првични информации за сторителите и обезбедени соодветни докази.

Тошковски посочи дека истрагата е во тек и изрази очекување сторителите во најкраток можен рок да бидат обезбедени и изведени пред лицето на правдата.

Осврнувајќи се на коментарите на социјалните мрежи во кои состојбата со безбедноста се споредува со „Дивиот Запад“, Тошковски оцени дека бројот на насилни кривични дела, особено оние поврзани со организирани криминални групи, е драстично намален во споредба со периодот пред три години.

„Кога гледам по социјални мрежи, одредени компарирања со „Див Запад“ и така натаму, слободно би можел да кажам дека бројот на кривичните дела кои што се случуваат, а се од опфатот на групата на насилни кривични дела, особено поврзани со кривични дела сторени од страна на организирани криминални групи, како во градот Скопје, особено во градот Скопје, така и во целокупната територија на Македонија, во споредба со претходно, не се споредува“, рече Тошковски.

Тошковски испрати порака и до лицата кои сметаат дека се недопирливи и дека можат да се однесуваат без последици.

„Можам да им упатам една порака на сите оние кои што мислат дека се недопирливи и кои што мислат дека можат да хараат низ улиците во Македонија, дека истите соодветно ќе им биде одговорено од страна на Министерството за внатрешни работи“, порача тој.

Министерот посочи дека неодамна на конференција организирана заедно со ОБСЕ, со амбасадорката на САД и со други странски дипломати било разговарано за влијанието на состојбите во затворите врз безбедноста во градовите и во државата.

Според неговите првични информации, во последниот кривично-правен настан е вклучено и лице кое било лишено од слобода од страна на МВР и кое моментално издржува затворска казна. Тошковски нагласи дека дополнително ќе се утврдуваат сите околности, во координација со Јавното обвинителство.

„Повторно, вака првично, можам да кажам дека имаме проблем кој што буквално се прелева од затворите во рамки на градот Скопје“, рече Тошковски.

Back to top button
Close