Отфрлена кривичната пријава против фирмата на Гечев за загинатиот работник од Кина, адвокатката тврди дека ова е доказ за неправедниот систем
Основното јавно обвинителство во Кавадарци ја отфрли кривичната пријава против фирмата на Илија Гечев за смртта на 38-годишниот Хонге Ге од Кина, кој на 10 септември, лани додека извршувал работни задачи во фабриката „ИГМ Трејд“ бил удрен од кран и од здобиените повреди починал на самото место.

Според документите со кои располага „Фокус“, распослани на десетина страници се наведува дека кривичната пријава против фирмата, еден од управителите и одговорното лице за безбедност и здравје се отфрла бидејќи според направениот увид и анализите во документацијата, како и мислењето од вештото лице не постои основа за извршено кривично дело.
„Лицето Хонге Ге бил запознаен со своите права и обврски за преземање на мерки за заштита, своја и на своите ковработени за што имал и своерачно потпишана изјава и било потребно секогаш да се грижи за својата безбедност, како и безбедноста на другите лица, и носење на соодветна опрема за заштита.
Работодвачот ги спровел мерките за безбедно работење за погоренаведените вработени ангажирани лица, кои работеле на тестирање на опремата за работа, односно линија за производство на пластифициран лим, па констатирал дека нема недостатоци и дека инспекциската постапка се запира“, се наведува во обраложението од Јавното обвинителство во Кавадарци.
„Фокус“ уште во јануари пишуваше на оваа тема во која главниот проблем е што починатиот кинески државјанин во компанијата „ИГМ Трејд“ Кавадарци имал виза Ц, односно туристичка виза, за што понатаму во текстот потврдуваат и надлежните институции.
Факт е дека работодавачот знаел или морал да знае дека со овој тип на виза не смее да ангажира работник, најмалку да дозволи ракување со кран. Оттука, останува отворено прашањето – кој и зошто го дозволил тоа? Само еден месец по смртта на кинескиот државјанин во кавадаречката фирма, свои искази пред обвинителството во Кавадарци дадоа неговата сопруга Хонгју Ванг и неговите две сестри.
Документите со кои располагаме, исто така покажуваат дека неговата сопруга Хонгју Ванг преку адвокатската канцеларија Маја Ристова има испратено барање до МВР, БЈБ и Оддел за гранични работи и миграции за тоа како е регулиран неговиот престој и дали има добиено работна дозвола.
Одговорот стигнува неколку месеци подоцна, поточно на 19 декември, 2025 година. Во него се наведува дека за починатото лице има поднесено барање за одобрување на привремен престој по основ на вработување од „ИГМ Трејд“, а истото е поднесено на 4 септември, 2025 година, меѓутоа нема добиено дозвола за привремен престој.
„Статусот на истиот во РСМ бил евидентиран како краткорочен престој. Хонге Ге влез во државата остварил н 28 август, 2025 година преку ГП Меѓународен аеродром Скопје. Влезот е остварен врз основа на претходно издадена виза Ц за краткорочен престој на именуваниот од страна на ДКП на РСМ во Пекинг. Визата е со важност од 12 август, 2025 година до 8 февруари, 2026 година, за престој од 90 дена“, се наведува во повратниот одговор од МВР.
Но, тука не завршува целата приказна. Речиси два месеци по трагичната смрт на работникот згмечен од кран, во „ИГМ Трејд“ влегуваат инспектори, односно се извршува вонреден инспекциски надзор.
Во документите со кои располагаме, може да се забележи дека двајцата странски државјани биле ангажирани на работа во работниот простор на работодавачот Хала (ЦЦЛ) линија за производство на пластифициран лим, кои имале престој само врз основа на виза.
„Истите немале одобрување за привремен престој заради вработување и немале работна дозвола согласно член 7 од Законот за вработување и работа на странци, и без да бидат пријавени во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност со што сторил повреда на член 13 ств 1,2, 3 и 7 од Законот за работни односи и член 20 од Законот за работни односи.
Утврдено е дека странски државјани или лица без државјанство можат да склучат договор за вработување, ако ги исполнуваат условите определени со ЗРО и со друг посебен закон, со кој се утврдува вработувањето на странци, со што сторил кривично дело од член 166 и 167 од Кривичниот законик на РСМ“, пишуваше во документите од извршениот вонреден инспекциски надзор.
Сепак, на крај кавадаречкото јавно обвинителство носи одлука во корист на фирмата на Гечев, за што остро регира и адвокатката на семејството на загинатиот работник од Кина,Ристова.
„Донесено е срамно решение, кое не само што ја поткопува довербата во институциите, туку претставува и вистинско олицетворение на неправедниот и неодговорен систем во нашата држава“, истакна Ристова во изјава за „Фокус“.
Таа уште во октомври лани реагираше дека сопственикот на кавадаречката компанија ѝ забранил влез во фабриката за време на посетата со клиентите и дека се однесувал крајно некултурно.






