Синдикатот на војниците бара кривична одговорност од членовите на Комисијата за дискриминација

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против сите членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата, соопшти претседателот на Синдикатот, Александар Насковски, преку објава на Фејсбук.

Според Насковски, Комисијата донела спорен заклучок за запирање на постапка која претходно била завршена со мислење за утврдена индиректна дискриминација врз професионалните војници, поради нетрансформирање на нивниот работен однос од определено на неопределено време.

Тој тврди дека документот, потпишан на 27 октомври 2026 година од тогашниот претседател на КСЗД, Душан Томшиќ, бил изготвен во корист на Министерството за одбрана, за потребите на судските постапки што ги водат професионалните војници.

Насковски обвинува и за притисоци од извршната врз судската власт, посочувајќи дека токму тоа било една од главните причини за протестот одржан на 7 ноември пред Владата.

Од Синдикатот очекуваат Основното јавно обвинителство итно да постапи по кривичната пријава и најавуваат продолжување на синдикалната борба.

Насковски потсетува дека индиректната дискриминација врз професионалните војници била утврдена на 16 јули 2025 година, а законско решение за нивниот работен статус се бара уште од 2008 година.

„Дискриминација не се укинува со лист хартија, туку со законско решение, кое војниците го бараат од 2008 па наваму“, порача Насковски

Back to top button
Close