Шефот на МИ5: Британија денес се соочува со поголеми безбедносни ризици отколку пред 25 години

Велика Британија денес се соочува со посложени и потенцијално поголеми безбедносни ризици отколку пред 25 години, кога се случија терористичките напади во Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година, предупреди директорот на британската безбедносна служба МИ5, Кен Мекалум.
Мекалум, во авторски текст објавен во британскиот весник Индепендент, истакна дека разузнавачките служби не смеат да се потпираат исклучиво на искуствата од минатото, туку мора да бидат подготвени за нови видови стратешки шокови.
„Мора да му се спротивставиме на искушението да ѝ се восхитуваме на одбраната што ја изградивме вчера и наместо тоа да ја изградиме онаа што ќе ни биде потребна утре“, напиша Мекалум.
Тој наведе дека е горд на работата на МИ5 во спречувањето на активностите на терористичката група Ал Каеда по нападите од 11 септември, истакнувајќи дека способноста на службата постојано да се приспособува била клучна во соочувањето со тогашните закани.
Според него, способностите на Ал Каеда денес претставуваат само „делче“ од она што таа организација го можела во 2001 година, но, како што наведе, безбедносните предизвици во 2020-тите станаа „уште посложени“.
Мекалум посебно укажа на промената на природата на заканите, наведувајќи ги неодамнешните напади врз синагогите во Велика Британија, како и фактот дека голем дел од инфраструктурата, системите и услугите кои можат да бидат мета на напади денес се наоѓаат во приватниот сектор, а не во сопственост на државата.
Говорејќи за современите ризици, шефот на МИ5 го спореди светот со ситуацијата по завршувањето на Студената војна и потсети на изјавата на тогашниот директор на ЦИА, Џејмс Вулси, дека Западот „убил голем змеј“, но се соочил со „зачудувачка разновидност на отровни змии“.
„Сега се соочуваме со најлошото од двата света: змејовите се вратија, но змиите и понатаму постојат“, наведе Мекалум.
Тој истакна дека „ужасите од 11 септември засекогаш го обележале“, додавајќи дека 25 години подоцна секојдневно ја чувствува одговорноста на МИ5 да се приспособува со „уште поголема брзина“ и да придонесе за отпорноста на Британија на новите безбедносни предизвици.
Мекалум е на чело на МИ5 од 2020 година, а во британската безбедносна служба има поминато повеќе од 25 години.






