Партизани – договорот на Темпо со Грците за Македонците

Минатата сабота пишувавме дека ако сакате да читате книга за историјата како трилер, која не можете да ја оставите од раце додека не дојдете до крајот, тогаш нема ништо подобро во последнава деценија од монументалната книга „Партизани“ на извонредниот словенечки историчар Јоже Пирјевец (86). Во време кога на сите простори на поранешна Југославија партизанското движењеи победата во Втората светска војна над фашизмот се омаловажува, се прескокнуваат храброста, решителноста и страдањата на партизанските единици, a улогата на Јосип Броз Тито се потиснува, книгата на Пирјевец ја опишува генезата и развојот на отпорот во контекст на светската историја. Книгата се чита како напната, трагична, сурова и во исто време херојска приказна.

Според Пирјевец, комунистите биле единствените што разбрале дека отпорот и антифашистичката борба мора да бидат југословенски, бидејќи алтернативата биле национални и религиозни конфликти што водат кон истребување, трајна поделба, губење на националните територии и идентитети.

Како што вели Пирјевец во својот предговор, тој решил да им посвети и посебно внимание на партизанските движења во Словенија и Македонија. Во делот за Македонија повеќето работи се познати, особено за мисијата на Светозар Вукмановиќ – Темпо, но за некои работи се знае помалку. На пример, дека Тито со презир го нарекувал шефот на Покраинскиот комитет на КП Македонија, Методија Шаторов – Шарло „стар Бугарин“ и зошто македонските комунисти билe поделени меѓу југословенската и бугарската партија: едната ги повикувала на борба, другата барала да причекаат (додека не дојде Црвената армија).

Во овој текст го пренесуваме она што Пирјевец го пишува за растежот на партизанското движење во Македонија, улогота на Темпо за соработката со грчките партизани и како комунистите ѝ дадоа поттик на македонската самобитност.

Колебањата меѓу македонските комунисти

Пирјевец вака ја опишува ситуацијата во комунистичките структури кога Темпо дошол во Скопје на крајот од февруари 1943 година.

„Во Македонија, Комунистичката партија имаше околу 700 членови, претежно младинци, кои на почетокот на 1942 година се колебаа помеѓу бугарската и југословенската партија, бидејќи беа поврзани со првата, но не беа поврзани со втората. Дојде до внатрешни конфликти помеѓу спротивставените групи кои дејствуваа на ист терен, што значително ја влоши ситуацијата. Дури Темпо успеа да ги среди приликите, го основа ЦК на КП Македонија и неколку подрачни структури, да го реорганизира главниот штаб и да формира нови партизански одреди, кои ја презедоа улогата на редовна војска – Народноослободителната војска – како што гордо се нарекуваше без оглед на нејзиниот ограничен број. Сепак, не беше лесно да се спои македонското национално чувство со идејата на југословенството, како што се покажа во јуни 1943 година, кога новиот Централен комитет на КП издаде проглас во кој се бараше обединување на Македонија – Вардарска, Пиринска и Егејска – без споменување на Југославија. Поради тоа, Темпо беше остро критикуван. Тој ја исправи својата грешка со тоа што ЦК на Комунистичката партија на Македонија и Главниот штаб свечено усвоија одлука во Преспа на почетокот на август за борба на македонскиот народ против Германците и Бугарите заедно со сите југословенски народи, како и за обединување со нив. ‘Македонската војска е составен дел од Народноослободителната војска на Југославија…’ На почетокот, растот на војската беше бавен. Во летото 1943 година, кога беше создадена првата поголема единица, баталјонот ‘Мирче Ацев’, таа имаше околу 800 партизани, но во следните месеци брзо растеше, достигнувајќи три корпуси, седум дивизии и триесет бригади со вкупно 10.000 борци до крајот на воените операции во Југославија во април 1945 година“, пишува словенечкиот историчар во „Партизани“.

Според Пирјевец, Темпо сметал дека поголемиот дел од кадрите што му бил на располагање мора да ги напушти градовите и дека мора да оди во планините и шумите, каде што имало посоодветни услови за борба. Него го поддржувале Србите, кон кои бугарските окупатори постапувале многу грубо, но го поддржувале и Македонците, за да избегнат присилна мобилизација во бугарската армија. Бугарите ги обвинуваат дека се „српски агенти” кои се борат за враќање на земјата под власта на Белград. На своите окупациски единици (40.000 луѓе) тие додадаваат и дивизија извежбана за герилски акции и во речиси сите македонски села организираат мрежа од помагачи кои предизвикуваат голема штета на партизанското движење. За да ги поткопаат комунистите, Бугарите одата дотаму што на нивна територија ги трпат и четничките одреди на Дража Михаиловиќ кои никогаш не добија на сила. Антисрпскиот став на Македонците ги спречува овие одреди да добијат значајна поддршка меѓу народот.

„Сепак, ниту партизаните не беа способни да ги разгорат широките маси, кои беа под влијание на две паралелни политички движења: пробугарско, кое за среќа беше во опаѓање, и автономистичко, кое негуваше надежи кон грчката и бугарската Македонија. За тоа во колкава мерка Македонија остана пасивна сведочи фактот дека црпењето на хромната руда, што Германците ја извезуваа од југословенската територија, во текот на сите воени години остана целосно недопрено. Рудниците, кои лежеа на подрачјето на Скопје, работеа со полна пареа, покривајќи речиси две третини од потребите на германската воена индустрија. До почетокот на септември 1944 година, кога производството престана, тие ископаа 113.046 тони руда што содржеше 31.405 тони хром наменет за воената индустрија во Третиот Рајх. На барање на генералот (Хенри) Вилсон (врховен командант на сојузничките сили во Медитеранот – н.з.) партизаните да ги уништат овие рудници, Тито во мај 1944 година му нареди на македонскиот Главен штаб да го стори тоа или барем да го оневозможи транспортот на руда во Германија, но тоа не се случи“, наведува Пирјевец.

Тој понатаму објаснува дека Темпо веднаш сфатил дека ќе биде поуспешен во западна отколку во централна Македонија.

„Западна Македонија беше окупирана од Италијанците и беше присоединета кон Косово бидејќи имаше силно албанско малцинство. Италијанската контрола врз територијата, чиј центар беше во Тетово, беше значително послаба од бугарската контрола во Скопје. По италијанската капитулација на 8 септември 1943 година, партизанското движење во Македонија доби на интензитет, но мораше да се смета и на друга опасност, имено на албанското националистичко движење ‘Бали комбетар’, кое негуваше омраза кон Словените. Сепак, и покрај тоа, на 11 ноември 1943 година беше создадена Првата македонска бригада, која го прошири своето влијание до Скопје и други делови од земјата под бугарска окупација“.

Договорот со грчките комунисти

Јоже Пирјевец понатаму објаснува за комплицираните преговори на Темпо со грчките комунисти за соработката со македонската Комунистичка партија и за признавање на правата на Македонците во северна Грција.

„Во Грција, националноослободителното движење почна да се развива уште од првите денови на германската окупација. Него го водеше комунистичката партија, која се стремеше да формира широк патриотски фронт на отпорот – токму како што сакаше Сталин. ЕАМ/ЕЛАС ги обедини речиси сите ‘напредни’ струи и формираше голема ослободена територија во планинскиот регион Пинд, што се протегаше од близината на Атина до југословенската граница. И покрај непријателскиот став што Грците го имаа кон своите словенски соседи, Темпо постигна договор со нив, а подоцна и со Бугарите, за заедничка борба против окупаторите и нивните домашни поддржувачи. Тој, исто така, извлече признание од Грците на македонското малцинство на егејското приморје, на кое му беше дозволено да формира свои партизански единици со македонски јазик на команда и свое знаме. Неговата цел беше договор меѓу југословенската, бугарската и грчката комунистичка партија за изјавата дека Македонците биле монета за поткусурување во минатото во империјалистичките војни и дека тие имаат право да одлучуваат за својата судбина. Со оглед на тоа што долго време не можел да воспостави радио врска со Врховниот штаб, а илегалните врски преку Србија не биле успешни, Темпо не можеше да го извести Тито сè до почетокот на август 1943 година. Тито ги доби првите информации за ситуацијата на југот индиректно од политичкиот комесар на ‘корпусот на НОВЈ, а и од Црна Гора’. Во склад со нив, откако ја исчисти македонската партија од ’фракционерите‘, Темпо се договори со ЦК на КП Албанија и ЦК на КП Грција, како и на Бугарија, за формирање балканскиот штаб, кој требало да ги поврзува ослободителните движења на четирите држави. Ова не беше баш лесно, бидејќи спротивставените национални чувства, прашањата за малцинствата и нивните права, па дури и правата на Македонците на сопствен идентитет, во голема мера ги оптаваруваа меѓусебните односи“.

Овие планови на Темпо не му се допаднале на Тито. Тој не се согласуваше со формирањето на балкански штаб, бидејќи се плашеше да не стане алатка за манипулирање од страна на Британците кои, според неговото мислење, биле силно, дури и претерано вмешани во грчкото движење на отпорот.

„Тој беше уверен дека недоверливите офицери на ЕАМ/ЕЛАС се под влијание на Британците, на кои не можел да се потпре. Во оваа смисла, тој го задолжи Ѓилас да напише писмо до Темпо кое потоа самиот го потпиша. Но, тој знаеше дека таквата иницијатива нема да ѝ се допадне на Москва, која се обидуваше на секој начин да ги убеди западните сојузници дека зад нивниот грб не се случува револуција на Балканот. Беше потребно да се спречи реакционерните сили на Западот да почнат да заплашуваат со ‘балкански болшевизам’. Затоа на 16 мај 1943 година, Сталин неочекувано ја распушти Коминтерната без да ги праша нејзините членови, поединечни партии, за мислење. Тој беше убеден дека оваа одлука, која московското радио ја објави на меѓународната јавност на 22 мај 1943 година, ќе ги смири стравовите на западните сојузници во врска со советските револуционерни амбиции, стравови што Хитлер свесно ги поддржуваше.

Стануваше збор за фрлање песок во очи, што немаше никаков посебен ефект на Западот, но не се работеше само за тоа. Како што Сталин му рече на Ѓилас, во новите околности дојде време комунистичките партии да најдат ‘народен јазик’ и да се борат во согласност со ситуацијата во сопствената земја. Затоа постоењето на Коминтерната стана ‘апсурдно, неприродно’. Југословенските комунисти, кои постапуваа така веќе долго време, со задоволство го поздравија укинувањето на Коминтерната, бидејќи им даваше поголем простор за маневрирање во односите со Москва. Се разбира, односите не беа прекинати затоа што нејзиниот апарат, предводен од Димитров, Мануилски, Тољати и други, продолжи да функционира во строга тајност во рамките на Меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз под името Институт 205. Влатко Велебит го коментираше распуштањето на Коминтерната на следниов начин: ‘Тоа мене веднаш ми изгледаше како како многу проѕирно, селско лукавство што не треба никого да залаже. Можеби затоа што токму во тие денови добив од Тито материјали за основање на нова, албанска комунистичка партија, која нашата партија ја спонзорираше според директивите на Коминтерната. Албанските документи беа напишани на француски јазик и морав да ги преведам за да можат Тито и Марко (Ранковиќ) да ги разберат’“, наведува Пирјевец.

Комплицираните односи со Британците

Комплицираните односи на Тито со Британците траеја подолго време. Прво тој требаше да ја добие наклоноста на премиерот Винстон Черчил дека единствено партизаните се борат против Германците, а не четниците на Дража Михаиловиќ, а потоа преку британски офицери за врска да ги координираат акциите. Тоа најмногу дојде до израз кога Врховниот штаб од Босна се пресели на Вис, кој веќе го беа зазеле Британците по капитулацијата на Италија и имаа неколку илјади војници таму. Морето околу Вис го контролираа сојузнички сили, па затоа германски десант на островот беше невозможен, пишува Пирјевец.

Британците имаа свои планови за Балканот, кои често не беа исти со оние на Тито. Тоа најдобро се покажа за време на средбата на Тито со генерал Вилсон во Казерта, а потоа и со Черчил во Неапол. Тито не му оставил добар впечаток на Черчил. Британскиот премиер посебно го интересирале плановите на Тито за Грција по војната, нагласувајќи дека тоа е зона на интерес на Британците, кои веќе имаа војници таму и се бореа против Германците.

Во прашање беше многу поголема игра на сојузниците и реалниот распоред на моќта за контрола на териториите по завршувањето на војната. Британците нагласуваа посредно или директно, дека југословенските партизани не смеат да ја шират нивната борба на југ, особено не кон Солун.

Во интервју за хрватскиот магазин „Новости“ од јуни годинава, одговарајќи на прашањето „дали Трст требаше да биде наш?“, Пирјевец ги соголува историските околности од тоа време, велејќи дека подобро што италијанското пристаниште не станало југословенско, а потоа словенечко:

„Подобро е што не беше. Го ослободивме, стигнавме до Соча, мислевме дека Трст ќе биде излез на Словенија на море, бидејќи Словенија во тој момент немаше друг излез на море. Никој не сметаше на Копер и други слични, тогаш мали истарски градови, а многумина дури и не знаеја за нив. Исто така, постоеше идеја за трет југословенски ентитет, кој датира од времето на Австроунгарската монархија, и според овие планови, Трст, заедно со Љубљана и Загреб, требаше да биде еден од трите главни градови на идната Хабсбуршка Југославија.

Пред Првата светска војна за сето ова постоеше добра економска и културна основа, а Трст, покрај тоа, беше опкружен со словенечки села. Во секој случај, на крајот, Трст не стана наш, а и подобро, велам, бидејќи Словенија немаше да може да контролира толку големо малцинство, бидејќи во тој случај италијанското малцинство би било во Трст. И тоа би претставувало постојан извор на проблеми и конфликти со Италија“.

Вистинско објаснување на историчар кого не го водат емоциите или националната желба. Тито знаеше дека ситуацијата околу Трст е неверојатно комплицирана, дека притисокот на Британците и Американците не може да го издржи и мораше да ги повлече единиците од градот. Како што го направи тоа и во Корушка. Британците и Американците бараа да се почитуваат границите по Првата светска војна на овој дел, како и на југот, кон Грција.

Љупчо Поповски 

Извор: dw.com/mk

Back to top button
Close