Самит за безбедноста на Арктикот во Финска: Лидерите на ЕУ бараат поголеми инвестиции и зајакната одбрана од руските закани
Лидерите на повеќе европски земји денеска се собираат во финскиот град Ровањеми на самит посветен на безбедноста на Арктикот, каде што ќе ја искажат загриженоста од растечките геополитички тензии и активностите на Русија и Кина со барањето ЕУ да преземе „постратешка и проактивна улога“ преку значително зголемување на средствата за одбрана и воена мобилност.
Домаќин на состанокот е финскиот премиер Петери Орпо, кој се залага за поголеми инвестиции од Европската Унија во европскиот Арктик и во инфраструктурата што е од значење за безбедноста и одбраната.
„Европа овде се брани“, изјави Орпо, укажувајќи на стратешкото значење на финската граница со Русија, долга околу 1.340 километри, која се протега од Балтичкото Море до Арктикот.
Според него, со оглед на тоа што Русија и Кина се натпреваруваат за користење и контрола на Арктикот, постои заеднички интерес ЕУ и САД да дејствуваат заедно.
– Арктикот е местото каде што интересите се преклопуваат, имајќи предвид дека САД исто така сакаат Европа да преземе дел од товарот на својата одбрана, како и фактот дека тоа е местото каде што Русија одржува некои од своите најважни воени објекти – додаде тој.
Според нацрт-завршното соопштение од состанокот, во кое Блумберг имал увид, европските лидери се очекува да ја повикаат ЕУ да преземе поактивна улога и да обезбеди соодветни средства во согласност со променетите геополитички околности.
Во нацрт-документот особено се истакнува потребата од поголеми инвестиции во воената мобилност – вклучително и патишта, железници, дигитална инфраструктура и сателитски технологии – како и во капацитетите за одговор на хибридни закани.
„Руските амбиции за зголемување на нејзиното влијание на Арктикот, во комбинација со непријателскиот однос кон Европа и зголемувањето на хибридните активности, ја нагласуваат потребата од зајакнување на политиката на ЕУ кон Арктикот“, се наведува во документот.
На самитот учествуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, како и лидерите на Данска, Полска, Романија и на балтичките земји. Франција ја претставува министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Орпо оцени дека Европа мора да биде доволно силна за Русија да не помисли дека може да ја тестира солидарноста на НАТО и на ЕУ на северот од континентот или во Балтичкиот Регион. Тој укажа на сè посериозните руски активности, меѓу кои се нарушувањата на воздушниот простор, сајбер-нападите, хибридните операции и притисокот преку миграцијата.
Финските воени претставници очекуваат дека Русија, по завршувањето на војната во Украина, би можела дополнително да го засили своето воено присуство во Арктичкиот Регион. Посебно значење во тој контекст има полуостровот Кола, каде што се стационирани делови од руската нуклеарна тријада, вклучително и Северната флота и подморниците со балистички ракети.
За справување со овие предизвици, Европската комисија предложи 131 милијарда евра за одбрана, безбедност и за вселенски програми во следната буџетска рамка, што е околу петпати повеќе од средствата достапни во актуелниот буџет. Дополнително, средствата наменети за воена мобилност е предвидено да се зголемат за дури десет пати.
На самитот ќе се разгледува и можноста за заедничка набавка и користење ледокршачи, имајќи ги предвид зголемениот поморски сообраќај и нараснатата безбедносна важност на Арктикот поради климатските промени.






