Ресторанот „Евет“ во Сеул казнет поради служење десерт со мравки
Суд во Сеул го казни еден од најпознатите ресторани во јужнокорејската престолнина поради служење десерт украсен со мравки, со што, според судот, биле прекршени локалните закони за безбедност на храната, кои забрануваат консумирање на овие инсекти.

„Менаџерот на ресторанот „Евет“, кој има две „Мишелин“ ѕвездички, е казнет со 5.400 фунти, додека извршниот директор на ресторанот треба да плати 8.000 фунти“, објави „Гардијан“.
– Прекршокот не може да се смета за безначаен бидејќи анализите покажаа дека нивоата на тешки метали во мравките биле над законски дозволените граници, изјави судијата Ли Се-чанг, посочувајќи дека при одредувањето на казните го зел предвид фактот што обвинетите го признале делото, како и тоа што не биле претходно казнувани.
Истрагата е спроведена од страна на Министерството за безбедност на храна и лекови откако случајот станал вирален на социјалните мрежи.
Сушените мравки биле увезувани од САД и Тајланд во април, 2021 година и употребени за десерт кој бил послужен на 12.274 гости, а од продажбата ресторанот остварил приход од околу 65.000 фунти. (околу 75.856 евра).
Случајот го привлече вниманието на јавноста поради необичниот избор на состојка во ресторанот, но и поради строгите правила во Јужна Кореја за тоа кои видови инсекти смеат да се користат во подготовката на храна.
Во Јужна Кореја, само 10 видови инсекти се одобрени за употреба, меѓу кои се скакулците, црвите и свилените буби, додека пак, мравките не се наоѓаат на листата на дозволени инсекти.






