Осудениот Јане Боварски излегува од затвор: Кривичен суд Скопје постапува по одлуката на Врховен за „Ласкарци“

До Основниот кривичен суд Скопје пристигнало официјално известување дека осудениот Ј.Б. (Јане Боварски) во предметот познат во јавноста како „Ласкарци“, согласно пресудата на Врховниот суд, се ослободува од понатамошно издржување на затворската казна сè до донесување нова судска одлука.

Од Кривичниот суд појаснуваат дека станува збор за единствениот осуденик од овој предмет чија казна се извршуваше преку упатен акт издаден од скопскиот суд.

„Ова е единствениот осуден чија санкција му се извршува по упатен акт на Кривичен суд Скопје. Сите останати осудени се под надлежност на Основниот суд во Гостивар, согласно нивното место на живеење“, наведуваат во соопштението од Судот.

Со оглед на територијалната надлежност и адресите на живеење на останатите обвинети — меѓу кои се сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски, како и вработените во техничкиот преглед — процедурите за нивно постапување и отпуштање од затворските установи се водат преку надлежниот суд во Гостивар.

Ослободувањето од затворските ќелии следува по одлуката на Советот за казниви дела при Врховниот суд, со која беше укината второстепената пресуда со која шестмината обвинети беа осудени на вкупно 53 години затвор.

Врховните судии оценија дека Апелациониот суд Скопје не дал јасни одговори на суштинските жалбени наводи, односно пропуштил конкретно да образложи на кој начин дејствијата на секој од осудените поединечно придонеле за трагичниот исход и во која мера техничката неисправност на автобусот била причина за несреќата.

повеќе

Back to top button
Close