ТАЈЛАНДСКА МАСАЖА

Коњите и магарињата не знаат дека тргнале кон ЕУ.

1Фондот за здравство најавува дека во иднина матичниот лекар ќе може да дава боледување максимум 5 дена, а за да се спречат злоупотребите, контролор по случаен избор, ама и по пријава на работодавач ќе може да заѕвони на врата да провери дали осигуреникот е дома.

Не треба далеку да одат. Нека си ги проверат прво пациентите во државните и општинските институции. Кога новиот директор на Фондот Златко Перински излезе со оваа најава, веднаш ми текна на доскорешниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи, кој повеќе од два месеца не одеше на работа во Владата. Плата примаше, ама ниту премиерот, ниту министерката за финансии не знаеја кој му ја потпишува. Никој не знаеше зошто не доаѓа на работа, него не му пратија контроли по случаен избор дали е дома, а се разбра дека не е кога самиот се објави на Фејсбук со слика од Банкгок.

Него го пратија како специјален пратеник во Брисел, а нам ќе ни доаѓа контролор дома да проверува дали сме болни. Којзнае дали Фетаи оди на работа и во Брисел, ама не може Перински и во Белгија да испраќа контролори.

А може и навистина си имал мака човекот штом повеќе од два месеца не доаѓал на работа. Во Бангкок одел на терапија. На тајландска масажа.

И така измасиран и исончан, сега достоинствено и доследно нѐ претставува во ЕУ.

2Мора да признаам дека малку ни е здодевно кога премиерот Христијан Мицкоски не е во државава. Ми недостастуваат по 3-4 изјави на ден со досетки на различни теми и математички пресметки, калкулации и анализи. Некако, без него како вестите да немаат смисла.

Ама, добро, и од Вашингтон каде што е на пропатување за Генералното собрание на ОН во Њујорк ни го одржува духот. Вака-така, има по некоја содржина за пи-ар.

Па така и од Америка уште еднаш дознавме колку е прекрасно и фантастично убаво да се живее во Македонија, колку Европската Унија е лоша кон нас, ама нема да им отстапиме ни милиметар, колку опозицијата е предавничка и уште колку ни остана од природните ресурси за распродавање.

Ништо ново. Па затоа, нѐ интересираше барем нешто ново да научиме и прашавме колкумина се заминати во делегацијата. И кој сѐ е во делегацијата? Секој со својата партиска агенда и секој со својата дијаспора. И колку дена ќе бидат таму? И колку ќе потрошат?

Очекувам ваков одговор:

Алооо… Ние сме некогаш трета, а некогаш четврта економија во Европа, како сме тргнале Америка ќе треба да нѐ бара нас, а не ние неа. Ова не е време за делби. Ова е време за обединување. Наместо да ни се заблагодарите дека ви организиравме светска прослава за Денот на независноста, вие пак за пари прашувате?

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close