Мистериозен дрон двапати влегол во ист стан во Кочани!


Бизарен случај е пријавен во Кочани, каде што мал дрон во текот на ноќта двапати влегол во стан во зграда на улицата „Димитар Влахов“ и, според сведоштвата на станарите, ги снимал додека спиеле.

Случајот се случил ноќта меѓу 10 и 11 септември, а во МВР е пријавен на 11 септември. Според станарите, при првиот упад дронот влегол во спалната соба преку отворената врата од терасата. Звукот од пропелерите ги разбудил, а при обидот да излезе, дронот се удрил во стаклото.

Кратко потоа следувал и втор упад. Дронот повторно навлегол во спалната соба, овојпат околу еден метар, но успеал да избега откако станарите се обиделе да го соборат.

Од МВР потврдиле дека е поднесена пријава. Полицијата го известила јавниот обвинител и побарала од Агенцијата за цивилно воздухопловство да провери дали во наведениот период било пријавено користење дрон во Кочани. ОЈО Кочани соопшти дека се преземаат дејствија за откривање на сторителот.

Станарите изразуваат сомнеж дека станува збор за неовластено снимање и нарушување на неповредливоста на домот, но евентуалната правна квалификација на случајот ќе ја утврдат надлежните институции по завршувањето на проверките.

Back to top button
Close