Во Бутел ќе никне мега парк од 50.000 м² за трајно решение во борбата со депониите
Мега парк од 50.000 м² во Бутел, најави градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, како трајно решение во борбата со депониите.

-Таму каде што со години се трупаше отпад, создаваме простор за детски насмевки, семејни прошетки, спорт и дружење. Децениската негрижа ја претвораме во зелена гордост на Скопје. Со Дарко Костовски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес, тој збор го исполнуваме со работа и видливи резултати. Затоа што довербата на народот се заслужува со дела – напиша скопскиот градоначалник на својот Фејсбук профил.
Појаснува дека долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“, првиот дел од 8.000 м² е целосно завршен, со зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони.– Паралелно работиме на преостанатите 42.000 м², со целосно хортикултурно уредување и содржини за сите генерации. Паркот ќе има и сопствен систем за наводнување со техничка вода, за долгорочно одржување на зеленилото. Со уредувањето на овој простор создаваме трајно решение против повторното формирање депонија. Вложуваме во почист воздух, поздрава животна средина и поквалитетен живот во секое маало.






