ВМРО-ДПМНЕ: 90 милиони денари за една година за инвестиции во патната инфраструктура во Демир Хисар

Општина Демир Хисар во изминатиот период реализира значаен инвестициски циклус, со посебен фокус на модернизацијата на патната инфраструктура и подобрувањето на условите за живот во сите населени места. Изминатава година во патната инфраструктура вложени се над 90 милиони денари, со што се изградени и реконструирани се повеќе од 10 километри улици и патишта. Станува збор за најголемо годишно вложување во патната инфраструктура во Општина Демир Хисар досега, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го објавува интегрално.
Целосно се реконструирани општинскиот пат Демир Хисар – Вардино и патот до Жван, а реализирани се инфраструктурни зафати и во Смилево, Загориче, Бараково, Сладуево, Стругово, Белче и Единаковци, додека во градот се реконструираа улиците „Маршал Тито“ и „Велко Влаховиќ“, со изградба на тротоари и уредување нови паркинг-простори, со кои инвестиции се подобрува безбедноста на пешаците, условите за сообраќај и изгледот на јавниот простор.
Инвестицискиот циклус продолжува и во наредниот период, за што предвидени се реконструкција на патот Демир Хисар – Манастир „Св. Јован Претеча“ – Слепче, реконструкција на главната и изградба на шест споредни улици во Суводол и Кутретино, улици во Вирово, улицата „Партизанска“ во Демир Хисар, општинскиот пат до Обедник, како и изградба на патот Сопотница – Манастир „Св. Атанасиј“.
Значително се зајакнати и техничките капацитети на Општината и ЈКП „Комуналец“, каде што обезбедени се 3,5 милиони денари за трактор со приклучна механизација преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, додека преку Министерството за локална самоуправа е набавен ровокопач со утоварна корпа во вредност од 5.215.000 денари.
Како донација од Министерството за животна средина и просторно планирање ЈКП „Комуналец“ доби и две нови возила за собирање и транспорт на отпад, додека во Стругово е решен проблемот со водоснабдувањето со изградбата на новата препумпна станица, а во следниот период е планирана реконструкција на водоводната мрежа во Слепче и Загориче.
Инвестиции се реализираат и во образованието, при што во сите образовни институции реконструирани се училници и тоалети, набавени се нови клупи и столчиња, паметни табли, телевизори и дидактички материјали, а се преземаат и мерки за подобрување на енергетската ефикасност и со поддршка на Владата изграден е нов спортски комплекс со тениски и баскет терен, вреден 11 милиони денари.
Продолжува и поддршката за граѓаните преку општинските субвенции, така за новороденчиња се издвојуваат 10.000 денари за прво, 12.000 денари за второ и 15.000 денари за третородено дете, додека субвенцијата за првачињата е зголемена на 7.000 денари, а воведена е и субвенција од 10.000 денари за секој ученик запишан во гимназиска струка во Средното општинско училиште.
Посебен фокус се стави и на директната поддршка за граѓаните од социјално загрозените семејства, за што само изминатава година се издвоија 1.200.000 денари, а обезбедена е и финансиска поддршка за дваесетина невладини организации и здруженија за реализација на нивните активности и проекти.
Многу значајна мерка реализирана од општина Демир Хисар е бесплатниот јавен превоз во летниот период, организиран во соработка со ЈП „ДЕХИ ТРАНС“, со кој на жителите од подалечните населени места им е овозможен полесен и бесплатен пристап до градот, додека во пресрет на грејната сезона ќе се распише јавен повик за субвенции за набавка на клима-уреди.
Значаен исчекор е направен и во културата со набавката на професионален кинопроектор и повторното отворање на киното во Домот на културата „Илинден“, со што по речиси 20 години, Демир Хисар повторно има кино и паралелно, продолжува финансиската поддршка за Демирхисарското културно лето, како и реализацијата на бројни културни настани, концерти и други активности со кои се збогатува културниот живот во општината.
Во Демир Хисар продолжуваат инвестициите и реализирањето на проекти кои ги подобруваат условите за животот на граѓаните на цела територија на општината подеднакво.






