Струката повикува на стратешки пристап кон критичните суровини: Иловица и Плавица меѓу напредните проекти

Развојот на критичните суровини во Северна Македонија не зависи само од расположливите минерални ресурси, туку и од начинот на кој државата ги уредува институционалните, економските и еколошките услови за нивно искористување.

Ова се истакнува во научната студија „Анализа на индустријата за критични суровини во Северна Македонија“, подготвена од професорите и инженерите Драги Пелтечки, Горан Јованов и Стојанче Мијалковски.

Според авторите, меѓу главните пречки се непредвидливоста во институционалниот модел, јаглеродната интензивност, ограничената доверба на локално ниво и нецелосната стратегија за развој на вредносниот синџир.

Во студијата се нагласува дека политиката кон критичните суровини не треба да се сведува на поделба меѓу поддршка или отфрлање на рударството. Наместо тоа, потребен е системски пристап што ќе ги поврзе ископувањето, преработката, санацијата и енергетската реформа, со почитување на европските стандарди.

Покрај постојните рударски капацитети, анализата ги издвојува и Иловица и Плавица како значајни напредни проекти, чиешто потенцијално искористување треба да се разгледува во рамки на долгорочната индустриска и развојна политика на државата.

 

„Порфириското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект, но неговата траекторија е доминирана од судски спорови за концесии и спојувања, наместо од едноставно извршување на проектот“, се истакнува во анализата.

Авторите ги потенцираат токму правните услови како област која најчесто го неутрализира потенцијалот на Македонија во однос на критичните суровини. Според нив, постои модел кој се повторува, а како пример се посочува проектот за бакар во Иловица, а претходно и проектот во Казандол.

“Проблемот не е само во тоа што процесот на издавање дозволи трае долго – за рударските проекти сложените постапки за проверка се вообичаени. Подлабокиот проблем лежи во тоа што и инвеститорите и засегнатите заедници го доживуваат системот како фрагментиран, подложен на дискреционо одлучување и тежок за предвидување. Анализата на Државниот завод за ревизија за управувањето со концесиите, извештаите на Европската комисија, анализите на индустријата и информациите објавени од компаниите – сите укажуваат на истата дијагноза: многубројни одобренија, преклопување на надлежностите, слаба меѓуинституционална координација и недоволна транспарентност во однос на временската рамка за одлучување создаваат систем кој генерира бројни пречки и застои. Случајот „Иловица-Штука“ е поучен токму затоа што вклучува проект со одамна познати геолошки карактеристики, претходни одлуки за концесии, завршени технички активности и значителна јавна видливост. Сепак, напредокот зависи од судски спорови и од административни одлуки за поништување или преиначување на претходни решенија во врска со одобрението за спојување на концесиите“, се потенцира во научната студија.

Можност за пробив авторите гледаат во најавените Закони за рударство и геологија, кои би овоможиле приближување до европските стандарди и политиките за критичните материјали.

„Јавните консултации на Министерството во 2025 година за новиот Закон за геологија и новиот Закон за рударство се значајни. Тие укажуваат на сознанието дека наследениот Закон за минерални суровини веќе не е соодветен за ерата на критични суровини, обликувана од стратешката автономија на ЕУ, климатските обврски и зголемените очекувања за учество на јавноста“, пишува во анализата.

Неодамна, од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека европски експерти дале многу позитивна оценка за предложените законски решенија, посочувајќи дека тие воспоставуваат современа, јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности.

Во рамки на експертизата е направена и компаративна анализа со законодавствата на шест земји членки на Европската Унија – Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска, при што е утврдено дека предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики. Посебно внимание е посветено на современите европски политики во областа на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси и одговорното управување со рударскиот отпад и затворањето на рудниците“, соопштија од Министерството.

Оттаму додадоа дека продолжуваат со стручниот и институционалниот процес за финализирање на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство, со определба конечните решенија да бидат европски усогласени, современи, применливи и насочени кон одржлив развој на рударскиот сектор, но и кон заштита на јавниот интерес и природните ресурси на државата.

 

 

Back to top button
Close