Природна смрт утврдена кај планинарот најден вчера на Шар Планина
Секторот за внатрешни работи Тетово соопшти детали за вчерашната акција за извлекување на безживотно тело од Шар Планина, на надморска височина од околу 2.500 метри. Станува збор за 74 годишниот А.С. од тетовско Џепчиште, кај кого по извршените прегледи е констатирано дека се работи за природна смрт. Телото на починатиот по наредба на јавен обвинител е предадено на семејството за погреб.

-На 20.09.2026 во 14:37 часот во СВР Тетово, група планинари пријавиле дека на пешачка патека на надморска височина од околу 2.500 метри, на местото викано „Црн Врв“, забележале тело на повозрасно лице без знаци на живот. Според пријавеното, се работи за A.С.(74) од село Џепчиште, чиј идентитет бил потврден од страна на М.Ј., кој претходно пешачел со него. За настанот е известен дежурен јавен обвинител од ОЈО Тетово, соопшти СВР Тетово.
Поради непристапноста на теренот, за извлекување на телото со хеликоптер ангажирани се тимови од Специјалната антитерористичка единица Тигар и Единицата за полициски намени при Одделот за воздухопловни единици на МВР кои го извлекле телото на починатиот и го префрлиле во Одделот за Судска медицина при Клиничка болница Тетово.






