Ангелов го коментира извештајот на ДЗР: Состојбите се значително подобрени

Дел од слабостите нотирани во денеска објавениот извештај на Државниот завод за ревизија, за работата и состојбите во Дирекцијата за заштита и спасување се значително намалени со измените во Законот за управување со кризи, уверува директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

„Слабостите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување на кои укажува ДЗР во суштина се’ слабости на кои укажував како директор на ЦУК но и сега како директор на ДЗС. Дел од овие слабости значително се намалени со минатогодишните изменувања и дополнувања на Законот за управување со кризи а дел со изменувањата и дополнувањата на Законот за заштита и спасување од јуни оваа година“, вели Ангелов.

Појаснува дека, во делот на ресурси состојбата значително е подобрена. Ова лето после повеќе години „ер тракторите“ беа благовремено сервисирани и ставени во функција пред стартот на сезоната на пожари на отворен простор. Бројот на противпожарни возила последните неколку години постепено се зголемува вклучувајки ги и специјалните возила на ДЗС (23 пинцгауери, 15 БТР и 5 хермелини, пренаменети во противпожарни возила).

Во делот на унифицирано командување со силите за заштита и спасување е направен значаен исчекор со додавање на нов став 5 во член 108:

„Во акции кои бараат итна интервенција републичките сили за заштита и спасување се ангажираат со одлука на директорот на Дирекцијата.”

„Со оваа измена се прескокнуваат сите претходни бирократски усложнувања и успорувања во итни ситуации бидејки директорот на ДЗС е овластен да нареди ангажман на било која единица или дел од единица од Силите за заштита и спасување кои, наједноставно кажано, се составени од сите пожарникари во државата, сите вработени лица во ДЗС или ангажирани со договор на дело во ДЗС (како што се посадите на специјалните возила) и припадниците на Тимовите за брз одговор на ДЗС“, вели Ангелов.

Ова лето ангажманот на доброволни пожарникари преку Тимовите за брз одговор на ДЗС е неспоредливо повисок во однос на минатите години со што беше избегната потребата од подршка на операциите на гаснење на комплексни пожари со припадници на Полицијата и Армијата, појаснува тој.

Исто така, ова лето немаше потреба од барање на меѓународна помош. Напротив, за прв пат од постоењето, ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларираше два „ер трактора“ за помош на други земји.

И покрај постоечките слабости и недостатоци, ова лето Македонија најуспешно досега се справи со пожарите на отворен простор, оценува директорот на ДЗС .

Реформите на Системот за управување со кризи, заштита и спасување продолжуваат понатаму во насока на создавање на една единствена институција која ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС, потсетува Ангелов

Back to top button
Close